Утрински Весник
Македонија

Демант на ИКТ: Членките на Здружението на ИКТ во целост ги почитуваат сите законски прописи и авторските права на програмите кои ги реемитуваат

Операторите ќе прекинат со реемитување на домашните и странски ТВ канали, освен на јавниот сервис

Скопје, 8 мај 2020

Во врска со изјавите  поврзани со авторските права, кои беа изнесени во емисијата „Патот кон“ на ТВ Алсат во вечерниот термин на 7.5.2020 година, цитираме: „дел од странските ТВ канали се без телевизиски права за реемитување во Македонија, додека националните телевизии ги плаќаат сите давачки“, заради вистинито информирање на јавноста, како Здружение на информатичко-комуникациски технологии, во коешто членуваат домашни компании со странски капитал и носечките оператори во земјава, сакаме да нагласиме дека остро се спротивставуваме на овие тврдења. При тоа,  нагласуваме дека членките на Здружението на ИКТ во целост ги почитуваат сите законски прописи и авторските права на програмите кои ги реемитуваат согласно домашната и меѓународната регулатива.

Повикуваме, по завршувањето на вонредната состојба, преку конструктивен дијалог да се решат сите отворени прашања во интерес пред сѐ на граѓаните, а потоа и на сите засегнати страни во овој случај.

Како потсетување, Здружението на ИКТ покажа разбирање и одговорно однесување на почетокот на пандемијата и го стави во мирување едногласно донесениот заклучок за прекинување на реемитувањето на програмите, освен јавниот сервис. Овој заклучок беше  реакција на измените на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги, донесени во крајно нетранспарентна постапка, без никаква јавна расправа и тоа на денот кога беше распуштен Парламентот. Законот е спротивен на директивите на ЕУ и на основните принципи на радиодифузната дејност и медиумската политика утврдени од страна на ЕУ, за што Здружението има добиено и писмено мислење од страна на Делегацијата на ЕУ во земјава. Истовремено, укажавме и дека измените на ЗААВМУ, што сега се на сила, се целосно неприменливи, бидејќи на операторите кои реемитуваат програмски содржини им наметнува да гарантираат за авторските права на програми што не ги произведуваат, а за тоа да сносат кривична одговорност. Ваквата ситуација создава дополнителна конфузија во целата област бидејќи воведува одговорност на операторите за туѓи дејствија, што е целосно правно неиздржано.

Здружението на информатичко-комуникациски технологии подолг период укажуваше на штетноста од ваквите измени и ги искористи сите механизми пред сите релевантни домашни и странски институции, со што уште еднаш ја покажа својата кооперативност, грижа во насока на интересите на граѓаните и на државата.

Здружението на информатичко-комуникациски технологии и понатаму останува отворено за соработка со сите инволвирани и повикани страни, но истовремено апелираме оваа тема да не се злоупотребува за дневно политички цели, бидејќи тоа само ја комплицира состојбата што оди само на штета на граѓаните.


Стопанска комора на Македонија

___________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Конгресот го избра новиот состав на Централниот одбор на СДСМ

Мицкоски: Посакувам СДСМ да наликува на конструктивна опозиција

Филипче: Следува нов почеток и пресвртница во делувањето на СДСМ