Делчево, 1 јуни 2020 (МИА) – По зголемениот број на позитивни случаи на заразени од Ковид-19 во Штип, делчевските текстилни фирми ги зајакнаа мерките за безбедност и заштита од појавата на коронавирус во фабриките. Како што информираат од неколку приватни конфекции во градот, дезинфекцијата на возилата со кои се превезуваат работниците е меѓу главните мерки кои за нивна заштита се преземаат секојдневно.
-Ова е од особено значење ако се има предвид дека заразата во некои градови започна токму поради нередовната дезинфекција на тие возила. Што се однесува до состојбата внатре во конфекциите, вработените ја одржуваат потребната дистанца, резервите на дезинфициенси редовно се надополнуваат, додека при меѓусебен неизбежен контакт помеѓу вработените, задолжително е носењето заштитни маски, истакнаа делчевските конфекционери.
Најголем дел од текстилни фирми поради задржување на вработените, производството го преориентираа на шиење заштитни маски, што како што додаваат ,,колку толку” го одржува профитот кој е доволен за плати на вработените.
-Мора да признаеме дека имаме вработени кои беа принудени на работа од дома, но поголеми отпуштања од работа немаше во изминатиот период. Со најавената поддршка од Владата очекуваме консолидација на работата и враќање во одржливо производство, кое нема да предизвика отпуштања на работници, додаваат од делчевските текстилни фирми.
Во Делчево во текстилството моментално има над 1500 вработени од кои најголем дел работат по таканаречениот „лон” систем. вс/са/