Утрински Весник
Македонија

Делчево одбележува 59 години средно образование

Делчево одбележува 59 години средно образование

Делчево, 15 април 2020 (МИА) – Во Делчево денеска се навршуваат 59 години од почетокот на средното образование. Носител на средношколскиот воспитно-образовен процес во Делчево е гимназијата „Методи
Митевски Брицо“ која како што истакна директорот Љупчо Прачкоски, низ годините наназад успеа да профилира личности кои одиграле значајна улога во општественото живеење не само во Делчево туку и во државата и пошироко.

-Им благодарам на моите професори на нашите ученици во исто време на сите од нашиот град за сето она што придонесоа во овие 59 години оваа гимназија да го афирмира Делчево и голем број на млади
кадри да излезат да не претставуват, не само во градот туку и во државата како и целиот свет. Во таа насока од мое лично име и од име на раководниот кадар на сите ученици и професори им го
честитам патрониот празник, рече Прачкоски.

Еден од оние кои се придружи на денешните честитки, а кој излегол од оваа гимназија е и Трајан Гоцевски првиот цивилен министер за одбрана во независна Македонија.

-Се гордеам што еден дел од моето образование го поминав во гимназијата „М.М.Брицо“. Тоа остави траги во целиот мој живот и академска кариера. Корените се оттука. Имам големи емоции бидејќи за време на учењето се запознав со Јане Митевски-син на патронот на нашата гимназија, седевме во една клупа во 3-та година. Тогаш, а и подоцна кога работев во Општина Делчево (1974-78 год.), имав привилегија да се запознаам и честопати да комуницирав и со сопругата на Методија, Вера, која потоа
кога претстојував во НАТО во Брисел, ја сретнав и таму. Тие се едно од најпочитуваните семејства од Делчево. Да се гордееме со успесите на нашата гимназија и со нејзиниот патрон „М.М.Брицо“, порача во својата честитка поранешниот министер Гоцевски.

Соочено со предизвикот наречен КОВИД-19, како што додаде Прачкоски, училиштето како и секаде во државата остатокот од учебната година во рамки на воспитно-образовниот процес го реализира „онлајн“.

-За жал условите налагаат дел од учебната година да се одвива во домашни услови.
Во време кога наставниот процес во училиштата мирува поради добро познатата ситуација им порачуваме на учениците да продолжат со он-лајн работата која одлично се одвива и засега ги дава резултатите од задолженијата кои се секојдневие на професорите и учениците, додаде Прачкоски.вс/ир

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Учество на Муцунски на десеттата годишна конференција „Медитерански дијалог” во Рим

61- годишна жена го роди своето прво бебе на Клиниката за гинекологија

Верниците се простуваат од упокоениот митрополит Дебарско-кичевски Тимотеј