Крива Паланка, 12 април 2020, (МИА) – Дополнителна дезинфекција на јавните површини во Крива Паланка вршат службите на јавното претпријатие „Комуналец“, согласно оперативниот план на општинскиот кризен штаб за активности за превенција од ширење на Ковид-19.
– Оперативниот план е ажуриран од страна на надлежните служби во општината и Јавното претпријатие „Комуналец“. Денес се врши дезинфекција на улиците, на главната улица од влезот до излезот на општината и останати реони, а редовно се вршат активности за дезинфекција на јавни површини во болничкиот круг на Здравствен Дом – Крива Паланка, Граничен премин „Деве Баир“, како и дезинфекција на колективни станбени згради на територијата на Општина Крива Паланка, информираат од Општинскиот кризен штаб.
Оттаму псоочија дека граѓаните е важно да ги почитуваат препораките од Владата и надлежните, а за сите потреби издадени се одобренија на деловни субјекти за продажба и дистрибуција на продукти во време на полицискиот час.
– Од страна на општинскиот кризен штаб беа одобрени вкупно девет барања: седум на деловни субјекти од доменот на трговија и услуги и угостителски дејности, кои се однесуваат на организација и реализација на онлајн продажба и дистрибуција на продукти, едно одобрение на такси компанија кое ќе дистрибуира продукти во соработка со деловните субјекти кои имаат потреба од таква соработка и едно барање од ОО на Црвен Крст Крива Паланка, кое се однесува на мобилните тимови од волонтери на Црвен Крст за дистрибуција на хуманитарни пакети за домаќинства и граѓани во социјален ризик за времетраењето на забраната за движење, доколку постои потреба од такво нешто, додаваат од општинскиот кризен штаб на Крива Паланка. ид/сп/