Делчево, 22 март 2020 (МИА) – Продолжува дезинфекцијата на градските улици во Делчево. Со цел и насока за заштита од појава и евентуално ширење на заразата од коронавирусот на територијата на Општина Делчево, како што информираа надлежните денеска се врши дезинфекција на транзитниот булевар „Македонија“.
-Со дезинфекција е опфатена и улицата ,,Маршал Тито“ на потегот кон населба Стрелиште, а исто така дезинфекција ќе биде извршена и во Први и Втори Реон, како и во населбите Маџир Маало и Расадник.
Дезинфекцијата ја вршиме со раствор од хлор, и по однапред направен распоред на приоритетни и најфреквентните улици во градот, информираат надлежните.
Претходно, како што додадоа, согласно насоките на Регионалниот штаб за кризи извршена е дезинфекција на јавниот простор и површини, како и на влезовите на колективните станбени објекти за домување и пред поголемите маркети во Делчево.
Додаваат дека дезинфицирањето на улиците ќе продолжи и во наредниот период, како една од мерките за превенција од болеста со коронавирусот, согласно со Препораките од Владата. Информираат дека за утре е закажана и Седница на Советот, на која меѓу другите ќе се разгледуваат и мерките за укинување на паушалите на советниците за времетраење на кризата наметната од вирусот КОВИД-19. вс/мд/