Македонска Каменица, 16 април 2020 (МИА) – Јавното претпријатие Камена Река започна со повторна дезинфекција на влезовите, скалите и заедничките простории кои ги користат станарите од колективните згради за домување во Македонска Каменица. Дезинфекцијата како што информираат надлежните се врши како дел од мерките кои ги презема општина Македонска Каменица за спречување на појавата на зараза од Ковид-19 на територијата на Македонска Каменица.
-Дезинфекцијата се врши согласно со Оперативниот план и заклучоците донесени на Општинскиот кризен штаб. За таа цел ги известуваме претседателите на куќните совети од колективните станбени објекти, согласно со мерките и активностите за превенција од појавата и евентуалното ширење на болеста коронавирус, дека е потребно и самостојно да преземаат секојдневни мерки за дезинфекција на влезовите, скалите, помошните простории и др. простории кои се користат од станарите, информираат од ЈП „Камена Река”.
Додаваат дека раствор од хлор можат бесплатно да добијат и жителите кои домуваат во индивидуалните живеалишта, секој работен ден до 14 часот во кругот на Јавното претпријатие „Камена Река”.
Акциите за дезинфекција на улиците, јавните објекти и површини, како и колективните згради за домување како што додадоа од претпријатието ќе продолжи и наредниот период согласно со планот за заштита и спасување. Во Македонска Каменица до денес нема евидентиран позитивен случај на коронавирус. вс/аа/