Скопје, 12 март 2020 (МИА) – Девет лица е последната официјална бројка за заразени со коронавирусот во земјава. Испитувања вчера беа направени на вкупно 12 нови лица, од кои две беа позитивни, а за другите се чекаа резултати. Мерките што ги донесе Владата се спроведуваат. Учениците и хронично болните не одат на училиште и на работа. Здравствените работници не смеат да користат одмори. За лажните вести следат На светско ниво е прогласена пандемија.
Последните позитивни случаи од вчера се од Дебар кои се соседи на претходно хоспитализираните тројца дебарчани заразени со овој вирус. Седумте пациенти со коронавирус се со лесна клиничка слика, дишат сами без машина за вентилација.
На границите има зајакнати контроли, при излез од државата особено контролата на автобускиот превоз и дестинацијата. Покрај училиштата препорака е да прекинат со работа и библиотеките, студентските и ученичките домови во наредните 14 дена. Да не се преполнуваат игротеките, надвор да нема големи групи деца на мало растојание.
– Целта е секој да седи дома, понастрана, мали групи деца е во ред, добро е да бидат на свеж воздух, сега се и температурите повисоки, но да се избегнуваат големи групи, рече министерот за здравство Венко Филипче.
Во овој период, според препораките, сите вработени лица од здравствениот сектор не треба да користат годишни одмори, платени и неплатени отсуства.
Мерките и препораките не важат за вработените лица во Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за одбрана, Армијата на Република Северна Македонија, противпожарните територијални единици, Царинската управа, како и домовите за нега на стари лица и мали групни домови да се изземат од сите заклучоци, мерки и препораки на Владата.
Според препораките Министерството за внатрешни работи ќе преземе соодветни мерки за сите оние лица кои преку социјалните медиуми објавуваат дезинформации (невистини) на оваа тема, како и за медиумите кои ги пренесуваат овие информации.
– Лажните вести што создаваат неоснована паника имаат долгосежни последици и врз општествената состојба, но и врз колективното здравје на граѓаните. Ваквите злоупотреби ќе бидат законски санкционирани затоа што на овој начин се вознемируваат граѓаните и се создава непотребна паника. Нема да има компромис во санкционирањето на оние кои свесно шират лажни вести, велат од МВР.
Апелираме, додаваат, до медиумите и корисниците на социјалните мрежи да се повикуваат единствено на официјално објавените податоци од надлежните институции.
Сите проверени и официјални информации, според укажувањата на Владата, ќе ги пренесуваат МИА и ЈП Македонска радио-телевизија.
На дневна основа ЈП Македонска радио – телевизија и АД МИА ќе ги објавуваат сите заклучоци, мерки и препораки усвоени од Владата за превенција од ширење на болеста како и прес-конференции на оваа тема. скс/сп/