Утрински Весник
Македонија

Девет години од првиот број на весникот „Илинден“

Девет години од првиот број на весникот „Илинден“

Дебар, 28 февруари 2020 (МИА) – Весникот на македонски јазик „Илинден“ што излегува во Албанија, денеска одбележува девет години од објавувањето на првиот број.

Во изминатиов период, весникот предизвика голем интерес кај читателската публика во Албанија, но и меѓу македонската дијаспора во светот.

– Во изминатиот деветгодишен период весникот прерасна во медиум кој со сериозноста и со пристапот во објавувањето на темите е интересен и корисен за македонското национално малцинство во Албанија, но и за промоција на активностите на македонската дипломатија во правец на подобрување на животот на македонското население надвор од границите на својата матична држава, изјави Никола Ѓурѓај, главен и одговорен уредник.

Тој од име на редакцијата искажува посебна благодарност до читателската публика која со покажаниот интерес кон содржините што ги понуди весникот покажала дека „навистина ја допре сржта на проблемите на Македонците во Албанија“.

– Нашата мисија е да го одржуваме и да го поттикнуваме македонскиот идентитет во Република Албанија, што преку културниот израз целосно се остварува. Им се заблагодаруваме на сите соработници, кои несебично помогнаа во конципирање на тематската и на визуелната содржина на весникот, вели Ѓурѓај.

Првото издание на весникот, како двоброј, за февруари и за март, беше отпечтено во 2011 година, а негов издавач е македонското друштво„Илинден“ со седиште во Тирана. Од мај 2017 година е и со електронско издание www.vesnik-ilinden.com.

На овој начин, додава Ѓурѓај, весникот стана подостапен не само за Македонците во Албанија туку и насекаде каде и да се, како и за целокупната јавност. вт/мд/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

СДСМ поднесе амандман за награда на пожарникарите, полицајците, војниците, за гасењето пожари

Тужба против бившиот економски директор на Детска клиника Аљајдин Мемеди

Уште една жртва од нападот во училиштето за танци во Англија, на повредите им подлегна деветгодишно девојче