И мажите и жените се еднакво застапени во статистиката на вкупниот број на регистрирани случаи на Ковид-19 во земјава. Од 1.259 регистрирани случаи до 22 април, 48 отсто се мажи, а 52 отсто жени. Но, она што е невообичаено е половата статистика кај починатите. Бројот на починати мажи е повеќе од двојно повисок од бројот на починати жени. Така, од 56 починати лица две третини или 39 се мажи, а една третина односно 17 се жени.
Епидемиологот од Институтот за јавно здравје, д-р Владимир Микиќ за „Мета.мк“ вели дека мал е бројот на смртни случаи за да може да се коментира ваквата појава.
– Апсолутно тука сѐ е индивидуално. Во различни земји бројките за овој сооднос се различни, па затоа тука не би направил разлика. Нема некаков тренд во однос на тоа кој повеќе заболува, а нема ниту тренд ако зборуваме за смртноста. Треба да се види и во која возрасна група се тие пациенти кои заболеле и починале, од што друго боледувале. Сепак мислам дека сѐ уште е мал бројот за да се прави разлика и ако има, на што таа би се должела – вели Микиќ.
Сепак, во моментов не се јавно достапни податоците за бројот на заболени во табеларен, односно машински читлив формат, преку кој што би можеле да се направат подетални анализи. Според епидемиологот Микиќ се очекува заразата да го достигне врвот токму во овој период.
– Денеска бројката на излечени пациенти е висока, а тоа зависи од периодот кога сме ги ставале луѓето во изолација. Пикот го очекуваме сега, токму во овој период на крајот на месецов, по што би требало да има некакво олеснување. Видовме дека во одреден период имавме и над 100 новозаразени лица во еден ден, па затоа сѐ уште е рано да се каже дали ќе имаме уште едно вакво зголемување. Во принцип очекуваме овој прв бран максимумот да го достигне токму сега во овој период – вели Микиќ.
Според него, треба да има одредено рекалсирање на мерките, но сепак, нивото на лична заштита да биде високо.
Како што информираат од Институтот за јавно здравје во последниот извештај, во однос на симптомите, најголем дел од регистрираните заболени во земјава се пожалиле на температура – 65 отсто, потоа кашлица 54 проценти, 34 отсто малаксаност, 19 отсто треска, 17 проценти главоболка, 16 отсто болки во грлото и 14 проценти имале отежнато дишење.
Вкупниот број на заболени на 22 април изнесува 1.259 од кои околу една третина се во Скопје или 422 случаи, потоа 342 во Куманово, 126 во Прилеп, по 62 случаи во Тетово и Велес, 55 во Струга, 51 во Дебар и останатите 139 случаи се распоредени во другите градови од државата. Скоро и да нема поголемо населено место каде нема заболени.