Спасувачките екипи извлекоа две девојчиња од урнатините на станбена зграда во турскиот град Измир, неколку дена по силниот земјотрес.
Спасувачите беа пречекани со аплауз кога 14-ната Идил Сирин беше извлечена од урнатините во Измир, откако помина 58 часа под урнатините. Нејзината осумгодишна сестра Ипек не преживеа, објави телевизијата НТВ.Седум часа подоцна, спасувачите ја извлекоа и тригодишната Елиф Перинек од друга урната зграда. Нејзината мајка и двете сестри биле спасени два дена порано. Детето поминало 65 часа во урнатините на зградата и е 106-то лице коешто е спасено од под урнатините, објави државната агенција Анадолија.
Elif bebek, a three year old girl rescued from rubble alive 65 hours after the earthquake in #Izmir #Turkey pic.twitter.com/K8YviOrbxy
— ali ornek (@ornekali) November 2, 2020
Силен земјотрес со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала, со центар во Егејското Море, ги погоди Турција и Грција во петокот во попладневните часови.Вкупниот број на загинати од земјотресот што ги погоди овие две земји во петокот достигна 81, бидејќи тимовите за цивилна заштита пронајдоа повеќе тела во текот на ноќта во урнати згради во Измир, третиот по големина град во Турција.
Повеќе од илјада лица беа повредени во земјотресот чиј епицентар беше во Егејското Море, северо-источно од грчкиот остров Самос. Двајца тинејџери загинаа на островот, а најмалку 19 лица биле повредени.
Извештаите за големината на земјотресот се разликуваат. Американскиот геолошки институт проценува дека земјотресот бил со јачина од седум степени, додека Истанбулскиот институт Кандили ја проценил неговата јачина на 6,9, а Турската агенција за управување со итни случаи на 6,6 степени.Земјотресот предизвика мало цунами што ги погоди областа Самос и Сеферихисар во Измир, каде една постара жена се удави. Земјотресот ја погоди западна Турција, вклучително и Истанбул и грчката престолнина Атина. Следуваа стотици последователни земјотреси.