Утрински Весник
Македонија

Двајца починати од Ковид-19, едниот 31-годишен пациент, вкупно 257 заболени, се отвораат четири нови пунктови за тестирање, два во Скопје

Две лица починале од Ковид-19, 16 нови случаи, вкупната бројка на заболени 257 лица

Скопје, 29 март 2020 (МИА) – Две лица починале изминатото деноноќие на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби како последица од корона вирусот, со што вкупната бројка на починати во земјава од појавата на Ковид-19 достигна шест лица. Станува збор за пациент на возраст од 91 година, кој бил хоспитализиран пред осум дена и за 31 годишен пациент, кој е хоспитализира на 23 март.

Кај 31-годишниот пациент, кој е од Скопје, како што информираше на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче, дошло до нагло влошување на состојбата. Тој бил во тешка клиничка состојба и од вчера бил ставен на респираторна машина.

Вкупниот број на новодијагностицирани лица во изминатите 24 часа е 16 лица, со што вкупниот број  изнесува 257 дијагностицирани пациенти.

На инфективната клиника се примени тројца пациени од Скопје и Куманово. Во моментот се хоспитализирани вкупно 49 пациенти, седум се со потешка клиничка слика – пневмонија, воспаление на  белите дробови, а во овој момент нема пациенти коишто се лекуват на респираторна машина. Стабилна е состојбата на сите други пациенти ширум државата.

– Двајца од пациентите на Клиниката тука во Скопје веќе имаат втор негативен тест, а за уште пет други второто тестирање ќе биде во текот на утрешниот ден, така да за период од два до три дена потенцијално ќе може седум пациенти да бидат пуштени на домашно лекување, но по стигнувањето на тестовите и по  повторната евалуација, рече Филипче.

Следната недела се отвораат уште два пункта за тестирање во Скопје – утре тестирање ќе може да се врши во Поликлиника Чаир, а до крајот на неделата  и во Поликлиниката  Млинбалкан.  Уште два пункта ќе се отворат во другите градови во државата.

Филипче истакна дека системот на закажување во новите пунктови, кои се надополнување на сегашните 14, ќе остане по принципот на пријавување преку матичните лекари.

Комисијата од Министерството, додаде министерот, го завршила увидот во сите, освен една приватна  институција – во двете приватни болници  Жан Митрев и Систина,  во  лабораторијата Авицена,  во текот на утрешниот ден  во лабораторијата Битпазар,  врз основа на што ќе се направи план  за искористување и на тие капацитети, а во  Фондот веќе работат на пронаоѓање модел на соработка.

Филипче напомена дека согласно мислењата на епидемиолозите ќе се зголеми бројот на потребните тестирања. Системот за мобилни тестирања е подготвен и тој ќе почне да се применува следните денови со Скопје.

– Во текот на вчерашниот ден информиравме дека по навистина интензивната соработа со Министерството за одбрана и Градот Скопје веќе е спремна подлогата до Клиниката за инфективни болести,  кај што ќе се постави модуларната мобилна болница од страна на  Армијата и таа ќе биде со капацитет  од околу 130 кревети, што ќе значи дека капацитетот на Инфективната клиника практично ќе се дуплира. Ќе биде соодветно опремена со кревети, тушеви, тоалети и со сува врска до Клиниката и на тој начин ќе ја искористиме експертизата на луѓето, лекарите,  медицинските сестри коишто работат тука, потсети Филипче.

Изрази благодарност до сите кои до моментов донирале до Министерството за здравство со медицински материјали, парични средства.

-За таа цел отворивме донациска сметка. Имаше прашања во однос на сметката,  која што ќе биде јавно објавена деновове, а со нивна согласност, следните неколку денови ќе ја објавиме листата на донатори, рече тој.

Апелира дека заболените не смеат да се стигматизираат, а уште помалку луѓето, кои се во карантин, бидејќи како, што напомена станува збор за здрави луѓе и оти тоа е механизам за заштита.

-Тој модел мораме да го поддржиме, тие се сместени во сосем солидни  и добри услови. Сите  се  прегледани, значи постои алгоритам кој што се следи како се постапува со луѓето кои се сместуваат во  карантините. Тие се прегледани од интернист и епидемиолог.  До сега нема ниту еден заболен. Има четири до пет лица, кои се тестирани и тестовите се негативни, станува збор за обична настинка. Тие наши сограѓани не претставуваат апсолутно никаква опасност, ниту за непосредната  околина, ниту за градовите  во кои се сместени заради тоа што се целосно здрави  луѓе коишто мора да го поминат овој  период од 14 дена  во самоизолација, нагласи Филипче.

Информира дека вчера дијагостицираниот пациент во „8 Септември“ е префрлен на Клиниката за инфективни болести и додаде дека уште има слободни капацитети, повеќе од половина од креветите во Клиниката за инфективни болести се слободни. Од утре најави дека почнува со организација и Клиниката за  кожни болести.

-Почитувани граѓани сакам да кажам дека  пандемијата во светот не стивнува, напротив бројката постојано расте, вирусот не заобиколи ниту една земја, не ја заобиколи ниту нашата. Нешто повеќе од еден месец кога првпат беше регистриран првиот позитивен случај во нашата земја  и од тогаш до денес бројката на потврдени слуачи  секојдневно расте. Добро е што бројот на случаи се зголемува линеарно,  а не експоненцијално, што значи  дека секој ден имаме приближно еднакво зголемување,  што се уште му дава шанса на нашиот  систем за одржливост и можност соодветно ги прими  и амортизира сите пациенти без притоа да бидат пренатрупани нашите капацитети, додаде Филипче и нагласи дека сепак се уште сме во една форма на војна против Ковид-19.

Нагласи дека пред нас е најтешкиот период во кој се очекува бројот на заболени да расте.

-Ни претстои за жал и период во кој ќе расте и бројот  на починати. За ова сите мораме да бидеме свесни. Денеска имаме и еден млад човек кој што почина. Ова е доказ дека вирусот не штеди никој, никој не е имун, ниту заштитен од него. Стануваше збор за најтешката можна форма на клиничка  манифестација на  оваа болест, рече министерот за здравство и упати апел до сите граѓани да ги почитуваат препораките. ац/см/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме