Првите два потврдени случаи на западнонилска треска, кои завршија со смрт, се регистрирани во Србија до 6 август, објавено е на веб -страницата на Институтот за јавно здравје.
Како што е наведено во Извештајот, болестa била регистрирана кај маж и жена, на возраст од 63 и 50 години, кои имале пропратни хронични заболувања.
Врз основа на извештајот на Институтот од 27 јули, комарци кои го пренесуваат вирусот се откриени на шест места во Панчево, како и на две места во Белград.
Десетици луѓе умираат од западнонилска треска секоја година во Србија. Првпат болеста е регистрирана во Србија во 2012 година, оттогаш 1.032 луѓе се заразени во земјата, а 98 починале. Најлоша година беше 2018 година, кога починаа 29 лица, а вкупниот број на лабораториски потврдени случаи на болеста, која се пренесува од комарци, достигна 286 лица пренесуваат регионалните медиуми.
Западнонилската треска е акутна вирусна болест со период на инкубација од неколку дена до три недели. Болеста може да предизвика оштетување на централниот нервен систем во форма на менингитис или менингоенцефалитис, како и во форма слична на грип со главоболка, треска и болки во грлото. Вирусот се шири главно во тропските и суптропските региони, но неодамна стана честа појава и во нетропските земји.
Вирусот главно ги погодува птиците, но и луѓето и многу цицачи, кои се заразуваат по убод од комарци.
Повеќето луѓе или дури 80 проценти од заразените со вирусот на западнонилска треска немаат никакви симптоми или знаци на болеста. Во помал процент од заразените (приближно 20 проценти), симптомите потсетуваат на болест слична на грип, со ненадејна појава на треска, главоболка, болка во мускулите и зглобовите, замор, благ минлив осип и лимфаденопатија.
Меѓутоа, кај некои лица (помалку од еден процент) се јавува асептичен менингитис или енцефалитис, или невроинвазивна форма на болеста која бара хоспитализација, наведуваат експертите.