Утрински Весник
Свет

Двајца новинари на „Ле Монд“ сериозно повредени во азербејџанскиот напад на Нагорно Карабах, еден во тешка состојба

Двајца новинари на „Ле Монд“ сериозно повредени во азербејџанскиот напад на Нагорно Карабах, еден во тешка состојба

Двајца новинари од францускиот весник „Ле Монд“ се здобија со сериозни повреди откако гранати на азербејџанските сили погодија група репортери кои известуваат за конфликтот меѓу Ереван и Баку околу спорниот регион Нагорно-Карабах, пренесува РТ.

Новинарите работеле во Мартуни, во источниот дел на спорната територија, кога азербејџанската војска го погодила градот со воздушен напад. Двајца ерменски репортери исто така се повредени во инцидентот, а еден локален полицаец загинал.

Двајцата новинари биле итно пренесени во болница во Степанакерт – најголемиот град во Нагорно- Карабах и неговиот де факто главен град. Повикувајќи се на ерменски службеник, Ројтерс објави дека еден од репортерите е во тешка состојба. Новинарите снимале цивили во Мартуни кога биле погодени.

Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека Центарот за кризи на Министерството за надворешни работи е мобилизиран и дека медицинскиот авион е подготвен да ги врати повредените репортери дома што е можно поскоро.

„Правиме сè за да ги стабилизираме ранетите на самото место пред да дозволиме нивна евакуација“, рече францускиот лидер пред Самитот на ЕУ во Брисел.

Во засебен инцидент, автомобил во кој се превезувала група вработени во агенцијата Франс прес исто така бил погоден од азербејџанските сили, јавуваат ерменските медиуми. Новинарите успеале да излезат од возилото неповредени.

Десетици воени и цивилни жртви се пријавени од обете страни за време на петдневните интензивни борби меѓу двете јужни кавкаски држави, кои меѓусебно се обвинија дека напаѓаат цивилно население.

Ескалацијата на насилството е последниот екцес во деценискиот конфликт меѓу Ереван и Баку околу Нагорно-Карабах, меѓународно признат дел од Азербејџан, мнозински населен со етнички Ерменци кои бараат независност од Баку.

Неодамнешните случувања предизвикаа загриженост кај светските лидери, а Москва, Париз и Вашингтон заеднички ги повикаа двете страни веднаш да престанат со насилството и да се вратат во дипломатијата. Анкара, пак, вети целосна поддршка за својот долгогодишен сојузник Азербејџан.



Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Трамп најави укинување на санкциите кон Иран „во соодветен момент“ и нова воена помош за Украина

Иранскиот претседател Пезешкијан во интервју за Такер Карлсон: „Сакаме мир, но ќе се браниме ако сме нападнати“

Силва: Светот нема потреба од император