Утрински Весник
Македонија

Дваесет и седум години од приемот на земјава во ОН

Дваесет и седум години од приемот на земјава во ОН

Скопје, 8 април 2020 (МИА) – Денеска се навршуваат 27 години од приемот на земјава во ОН на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, стана 181 полноправна членка на Светската организација.

Сепак, поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифати тогашното уставно име Република Македонија, зачленувањето во ОН беше направено под привремената референца Поранешна Југословенска Република Македонија.

Со примот во ОН се потврди меѓународно правниот субјективитет на земјава 19 месеци по референдумот на 8 септември 1991 година на кој македонските граѓани се изјаснија за независна, самостојна и суверена држава. Формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 17 септември 1991 во Собранито на Република Македонија.

Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година, кој десет години подоцна беше надополнет по конфликтот во 2001 и потпишувањето на Рамковниот договор.

По долгогодишниот спор за името, со посредство на ОН беше постигнат Преспанскиот договор што резултираше со промена на уставното име во Република Северна Македонија. Со тоа се отвори патот на земјата кон НАТО и ЕУ. вг/са/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Полицијата ќе ја проверува работата на „Државна лотарија“

Камбовски: Невозможно е да постојат две национални академии во една држава

СДСМ: Божиновска и Мицкоски да кажат каде се 1 милион евра?