Кавадарци, 10 април 2020 (МИА) – Да се преврива водата за пиење од регионалниот водовод ,,Лукар” пред употреба, особено за мали деца, бидејќи доаѓа до нејзина заматеност поради топење на снег од повисоките места. За ова денеска информираа од Јавното претпријатие ,,Комуналец” од Кавадарци.
Оттаму соопштија дека како што биле известени од Центарот за јавно здравје Кавадарци, денешните рутински проби на водата за пиење од градскиот водовод Лукар покажале дека состојбата со водата за пиење постепено се нормализира. Но, временските услови, односно затоплувањето, ќе довеле како и обично до нагло топење на снегот во регионот на изворите Лукар, што ќе предизвикало заматеност на водата за пиење.
-Бидејќи претстои викенд а резултатите од денешните земени мостри на вода ќе бидат познати дури од понеделник, бидејќи е потребно време за изработка, препораката од превривањето на водата пред нејзина употреба за пиење особено за помалите деца, ќе важи и за време на викендот, нагласуваат од комуналното претпријатие. свд/ир