Утрински Весник
Македонија

Г.Г. Стефан: Христовото воскресени не потсетува да размислуваме за своите постапки и да се стремиме кон љубов, верниците да се молат во своите домови и срца

Божиќно послание на г.г. Стефан: Да го чуваме тоа што ни е светост и посебност, да ја чуваме и живееме верата, да ги чуваме светињите

Скопје, 18 април 2020 (МИА) – Празникот на Христовото воскресение не потсетува да размислуваме за своите постапки и да се стремиме кон добродетелен живот и кон љубовта, која е најголема сила. Но таа е силна само тогаш кога е во заедништво со Христа и со Неговата неизмерна љубов, кога станува наше сведоштво и наш начин на живеење, истакнува во Велигденското обраќање Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан.

Г.Г Стефан посочува дека поминуваме низ еден период кој од нас бара трпение, послушност и воздржување и оти појавата на заразната болест Ковид-19, нè натера да внимаваме и на нашето и на здравјето на нашите ближни.

– На нашите верници, и овде во Македонија и насекаде низ светот, им советуваме да истраат и да не се вознемируваат затоа што не можат да присуствуваат бројно на светите богослужби во храмовите, и им препорачуваме да се молат во своите домови и срца, за Бог да нѐ избави од опасната болест. Да се молиме и за медицинските лица, полицијата и војската кои напорно се грижат за заболените и за редот во државата. Да се молиме за заболените да оздрават, како и за спасение на душите на оние кои не ја добија битката со болеста, истакнува меѓудругото г.г. Стефан во Велигденското обраќање.

Во продолжение го објавуваме во целост Велигденското обраќање на Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан:

„Возљубени празникољупци,

Велигден, денот на Христовото Воскресение, е празник на победата и празник на животот – и тоа вечниот живот, празник кој ни донесе радување, коешто никој не може да ни го одземе. На Велигден ја исповедаме тајната на Победителот – на Христа, Кој, преку Своето славно воскресение од мртвите, ја победи смртта и смртното го облече во бесмртно.

Радувајќи се на Празникот над празниците, повикани сме секогаш и пред секого да Го исповедаме Христа распнатиот, воскреснатиот и прославениот. Како вистински христољупци, должни сме да ја благовестиме победата над смртта, над гревот и омразата, над неправдата и страдањата, и да придонесуваме да завладеат праведноста, мирот и радоста во Светиот Дух.

Празникот на Христовото воскресение нè потсетува да размислуваме за своите постапки и да се стремиме кон добродетелен живот и кон љубовта, која е најголема сила. Но таа е силна само тогаш кога е во заедништво со Христа и со Неговата неизмерна љубов, кога станува наше сведоштво и наш начин на живеење.

Возљубени чеда на мајката Македонска Црква,

Поминуваме низ еден период кој од нас бара трпение, послушност и воздржување. Појавата на заразната болест, нè натера да внимаваме и на нашето и на здравјето на нашите ближни.

На нашите верници, и овде во Македонија и насекаде низ светот, им советуваме да истраат и да не се вознемируваат затоа што не можат да присуствуваат бројно на светите богослужби во храмовите, и им препорачуваме да се молат во своите домови и срца, за Бог да нѐ избави од опасната болест. Да се молиме и за медицинските лица, полицијата и војската кои напорно се грижат за заболените и за редот во државата. Да се молиме за заболените да оздрават, како и за спасение на душите на оние кои не ја добија битката со болеста. Црквата секогаш се моли за сите и за сè. Да се молиме на Бога, зашто само Бог ни е прибежиште и сила, и докажан помошник во неволја. Воскреснатиот Господ е нашата надеж, па затоа да ја споделиме со сите радоста на Воскресението на вечниот Лечител, и никогаш да не заборавиме на тоа дека колку сме поблиски до Бога, толку и Бог ќе биде близу до нас!

Христос воскресе!“

Јавниот радиодифузен сервис МТВ ќе врши директен пренос од Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ на полноќното објавување на Христовото воскресение и Велигденската литургија во недела, со која ќе началствува  Неговото блаженство, Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан. ев/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег