Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, контактираше со бурманската војска, повикувајќи ја да дозволи влез на специјален претставник на ОН во Мјанмар, се вели во изјавата што ја објави во неделата портпаролот на генералниот секретар, Стефан Дујарик, пренесува ТАСС.
Според изјавата, генералниот секретар е длабоко загрижен за ситуацијата во Мјанмар.
„ Тој ги повикува војската и полицијата да го почитуваат правото на граѓаните за мирни собири и да не ги гонат. Извештаите за континуирано насилство, заплашување и понижување од безбедносните агенции се неприфатливи”, се вели во соопштението.
„ Генералниот секретар ја повикува војската веднаш да дозволи специјалната претставничка на ОН, Кристин Шранер Бургенер, да го посети Мјанмар под прифатливи услови за да може лично да ја процени ситуацијата“, се додава во соопштението
На 5 февруари, Бургенер имаше телефонски разговор со бурманскиот заменик-командант на армијата Со Вин. Според Дујарик, тоа бил многу важен разговор бидејќи беше првиот контакт што ОН беа во можност да го воспостават со воениот орган по пучот.