Утрински Весник
Свет

Гутереш: Дистрибуцијата на вакцини е најголемиот морален тест на денешницата

Гутереш: Дистрибуцијата на вакцини е најголемиот морален тест на денешницата

Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, ги осуди богатите земји за национализам и трупање на вакцини, една година откако беше прогласена пандемија на коронавирус.

Гутереш рече дека светот се соочи со цунами на страдање во 2020 година и дека, иако вакцинацијата е светло на крајот од тунелот, тој е длабоко загрижен за нееднаквата дистрибуција.

„Гледаме многу примери за национализам на вакцини и залихи во богатите земји, како и продолжување на склучување зделки со производители што го нарушуваат пристапот на сите. Глобалната кампања за вакцинација е најголемиот морален тест на денешницата”, рече Гутереш.

Тој предупреди дека некои сиромашни земји сè уште не добиле ниту една доза, а богатите се на пат да обезбедат вакцина за сите нивни жители.

Шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејезус, исто така, изрази загриженост за нееднаквостите во дистрибуцијата на вакцините и постојано предупредува дека ако вирусот се шири слободно во некои делови на светот, мутациите и варијантите ќе станат закана за целата планета.

Програмата за фер дистрибуција на вакцината „Ковакс“ треба да обезбеди околу две милијарди дози за неразвиените земји до крајот на годината. Досега се испорачани 14,7 милиони дози преку програмата во 22 земји.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Силна експлозија во фабрика во Шпанија – има загинати и повредени

Русија го подготвува ракетниот систем „Сармат“ за оперативна готовност

На Германија годишно и се потребни 288.000 странски работници