Либанската држава и централната банка имаат ограничени финансиски можности за да може без странска финансиска помош да се справат со ефектот на експлозијата во пристанишните складишта во Бејрут, која му нанесе огромна штета на Бејрут, рече министерот за економија.
„Способностите на државата се многу ограничени, а таква е ситуацијата и со централната банка и другите банки. Не пливаме во долари“, изјави Раул Нехме за „Скај њуз Арабија“. Тој рече дека многу земји најавуваат помош и дека штетите од експлозијата изнесуваат милијарди долари.
Според него, соработката со Меѓународниот монетарен фонд е единствениот излез од сегашната состојба за Либан, кој веќе се бореше со падот на доларот и финансискиот пад, дури и пред експлозијата.
Гувернерот на Бејрут, Марван Абуд, изјави за телевизијата „Ал Хадат“ дека вкупната штета од експлозијата може да достигне 15 милијарди долари вклучувајќи ги и загубите во деловните активности, кои ќе следуваат во сегашната состојба.
Работата на пристаништето во Бејрут е целосно парализирана, а тоа е главната рута на Либан за увоз на храна потребна за нацијата од 6 милиони луѓе, додека бродовите се принудени да се закотват во помалите пристаништа.
Светската банка објави дека ќе работи со либанските партнери за зајакнување на јавното и приватното финансирање за реконструкција и закрепнување. Но, засега не е јасно каков ефект ќе има ова врз тешките преговори на земјата со Меѓународниот монетарен фонд.