Грција бара враќање во Турција на 1.450 лица кои се наоѓаат во центарот за мигранти на Лезбос и околните острови, изјави министерот за миграција Нотис Митарачи, додавајќи дека Анкара треба да го почитува договорот за азил со Европската Унија.
Митарачи рече дека Грција доставила барање до Европската комисија веднаш да се вратат мигрантите, кои пристигнале од Турција и чии барања за азил биле одбиени, објави „Ројтерс“.
Овој потег доаѓа пред планираното продолжување на разговорите со Грција и Турција, по неколкумесечни тензии меѓу двете членки на НАТО.
„Очекуваме Турција да ги интензивира своите напори. Прво, да ги запре чамците и бродовите што одат кон нашата територија и Европската Унија. Втората работа што ја очекуваме е да ги прифати мигрантите назад“, рече Митарачи.
Министерот рече дека повеќето од 1.450 лица се на Лезбос, каде што минатата година пожарот го уништи главниот бегалски камп, додека останатите се на островите Кос, Самос и Хиос.