Утрински Весник
Македонија

Грковска: Приоритет е креирање ефикасни антикорупциски политики кои ќе помогнат во сузбивањето на корупцијата и организираниот криминал

Cevahir mall aerodrom pulsira vol 4 vfinal 300x300px baner

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска преку конференциска врска се обрати на четвртата меѓународна конференција за спречување на перење пари и финансирање тероризам на тема „Нови рестриктивни мерки – ефектите и искуствата од регионот”, организирана од Академијата за банкарство и информатичка технологија и Институтот „Хајделберг“ во Скопје.

Во своето обраќање вицепремиерката Грковска истакна дека Владата во изминатите неколку години активно работи на преземање мерки и активности за спречување на корупцијата и криминалот, во секоја сфера од општеството, вклучително и на мерки за сузбивање на меѓународниот криминал и тероризам. За таа цел е усвоена Националната стратегија за спречување на перење на пари и финансирање тероризам 2021 – 2024.

„Борбата со високата корупција и организираниот криминал неминовно ја наметнува потреба од постојано стратешко зајакнување и унапредување на капацитетите на националните институции, како и нивна континуирана координација во следењето на протокот на финансиите, откривање на евентуално прикривање и трансфер на нелегално стекнат имот. Во таа насока се надгради Националната стратегија за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот. Воспоставивме јасни механизми за соработка меѓу сите надлежни институции и ги охрабривме и граѓаните и медиумите да зборуваат јавно и гласно, затоа што само така ќе имаме владеење на правото и функционални институции“, потенцираше Грковска.

Пред присутните на конференција Грковска нагласи дека клучен предуслов за уште поуспешна борба против корупцијата, перењето пари и организираниот криминал е дигиталната трансформација на општеството.

„Главен приоритет на мојот Кабинет е поттикнување на сеопфатна дигитализација за ефикасно и професионално функционирање на институциите како и зголемено и поефикасно користење на Националната платформа за интероперабилност. Со дигиталната трансформација податоците ќе бидат достапни во истиот момент, што на сите институции ќе им овозможи полесно и побрзо детектирање на сите неправилности и незаконски дејствувања“, потенцираше вицепремиерката.

Можете да прочитате

МВР со засилување – 120 млади полицајци започнуваат со работа во Скопје

Државниот инспекторат за животна средина во 2025 година направил 1373 инспекции

СДСМ: Прокува кујната за лаги