Граѓански организации изразија загриженост за недостатокот на основна здравствена заштита за 4.000 возрасни и 1.200 деца во општина Шуто Оризари и апелираатнадлежните институции повеќе да не го игнорираат здравјето на граѓаните од оваа општина.
Тие повикаа на итно назначување на нови матични лекари во општината Шуто Оризари кои ќе овозможат примарна здравствена заштита на сите граѓани кои, поради заминувањето во пензија на двајца матични лекари, немаат матичен лекар речиси два месеци.
Исто така, повикуваат на ина постапка за назначување на педијатар, итно доставување на обрасци за Избран лекар до постојните матични лекари кои работат во општината, а со цел да се обезбеди запишување на дел од овие 4.000 граѓани кои немаат основна здравствена заштита и обезбедување на минимум услови за соодветно функционирање на поликлиниката Шуто Оризари со итно назначување на раководно лице кое ќе го организира работењето на поликлиниката во согласност со потребите на граѓаните.
„Апелираме, надлежните институции повеќе да не го игнорираат здравјето на граѓаните од Шуто Оризари и бараме итно да ја обезбедат нивната здравствена заштита особено во екот на третиот бран од ширење на заразата со Ковид-19, која е со животно-загрозувачки последици за граѓаните кои немаат соодветна здравствена заштитасе наведува во заедничкото соопштение на Фондација Отворено општество – Македонија, Здружение на граѓани – Иницијатива за развој и инклузија на заедниците– ИРИЗ, Романо Чачипе, Иницијатива на жени од Шуто Оризари, Станица П.Е.Т., Прилеп, КХАМ Делчево, НРЦ Куманово, ЛИЛ Скопје, СОНЦЕ Тетово, ЕСЕ, ХЕРА и Фондација за дебата и едукација ИДЕА Југоисточна Европа.