Скопје, 26 февруари 2020 (МИА) – Од денеска до 11 март на полноќ граѓаните ќе можат да направат увид во Избирачкиот список преку апликацијата на веб-страницата на Државната изборна комисија www.sec.mk и во нивните подрачни канцеларии. Исто така денеска почнува и рокот за собирање потписи на група граѓани во подрачните канцеларии на Комисијата и од оваа година пред овластен нотар.
Претседателот на ДИК Оливер Деркоски вчера апелираше до сите оние што сакаат да гласаат на изборите да ги проверат своите податоци во Избирачкиот список, но исто така предупреди дека доколку немаат важечки лични документи граѓаните нема да може да гласаат.
– Како ДИК ќе направиме максимални напори на сите граѓани да им овозможиме да го остварат своето право на глас, но не можеме да дозволиме без какви било документи да се извршува гласањето, истакна Деркоски, кој ги повика околу 38.000 лица што не ги подигнале своите лични документи во МВР да го сторат тоа бидејќи без нив нема да можат да гласаат на предвремените парламентарни избори на 12 април.
Деркоски информира дека од Државниот завод за статистика го добиле преработениот Избирачки список и оти сите граѓани што се заинтересирани да учествуваат на изборите ќе можат да си ги проверат податоците преку веб-страницата на ДИК и во подрачни канцеларии. Во моментот во Избирачкиот список се запишани еден милион осумстотини седумнаесет илјади и 28 запишани во Избирачкиот список.
– Сега на Избирачки список ќе се најдат сите граѓани што на денот на гласање, 12 април, ќе имаат наполнето 18 години и ги исполнуваат другите услови и имаат државјанство и постојано живеалиште во нашата држава и од тие причини МВР ги доставува до нас и тие списоци. Граѓаните што во меѓувреме вадат, променуваат лични документи исто така ќе бидат доставени до нас како ДИК за да можеме и ние евентуално да интервенираме, за запишување, промена на податоци итн., истакна Деркоски.
Апелира до сите граѓани што сакаат да учествуваат на изборите да го искористат јавниот увид, да се проверат на Избирачкиот список, но исто така и до над 38.000 граѓани со завршена постапка што не си ги подигнале личните документи, да го сторат тоа бидејќи нема да можат да гласаат без лични карти.
– Добро би било да ги подигнат доколку сакаат да учествуваат на изборите. Не секогаш институциите се во криво. Овој пат и граѓаните треба да си ја исполнат својата обврска да си ги подигнат личните документи, рече претседателот на ДИК.
Деркоски информира дека оваа година се прави обид да гласаат и над 2.500 возрасни лица сместени во државните и приватните старски домови. ДИК до МТСП испратила барање за добивање податоци за сите лица згрижени во установи, како што се старските домови низ државата. ДИК ќе организира пријавување кој сака да гласа за да направи посебни изводи од Избирачкиот список и ќе организира избирачки одбори што ќе го спроведат гласањето во тие старски домови.
Тој вели дека е задоволен од ИС што го добиле од статистика и оти се обработени сите податоци, но оти има уште една група граѓани што подолго време се провлекуваат на Избирачкиот список што остануваат нераспределни затоа што немаат адреса на живеалиште во нашата држава.
– Таа бројка се провлекува со години наназад и тоа се веројатно граѓани што подолго време живеат во странство, се иселени и немаат документи кај нас. Станува збор за над 10.000 граѓани, рече Деркоски.
До 11 март граѓаните можат да поднесат барање за запишување, дополнување или бришење податоци во Избирачкиот список и тоа во подрачните одделенија и месни канцеларии на Комисијата.
Увид во Избирачкиот список ќе им биде овозможен и на затворениците и лицата во притвор. Барањето за запишување, дополнување или бришење на податоците во посебните изводи на Избирачкиот список за време на јавниот увид државјаните на РСМ што се во притвор или се наоѓаат на извршување казна затвор го поднесуваат преку органот надлежен за извршување на санкциите до ДИК најдоцна до 11 март.
Јавниот увид на 26 февруари започнува и за дијаспората. ДИК преку МНР ги доставува до ДКП и конзуларните канцеларии посебните извори од Избирачкиот список за лицата на привремена работа или престој во странство врз основа на евиденцијата од надлежен орган, за ставање на јавен увид. Барањето за запишување, дополнување или бришење на податоците за време на јавниот увид, државјаните на РСМ го поднесуваат преку апликацијата со лична електронска пошта до ДИК.
Од денот на распишувањето на изборите до завршувањето на јавниот увид државјаните на РСМ што се на привремена работа или престој во странство можат да достават пријава своерачно потпишана или испратена преку апликацијата со лична електронска пошта со која се пријавуваат за гласање на претстојните избори.
Пријавата, ДКП/КК веднаш, а најдоцна во рок од два дена по завршувањето на јавниот увид ја доставува по електронска пошта до МНР, а МНР најдоцна во рок од 24 часа од денот на приемот ги доставува до ДИК.
По барањата и пријавите на граѓаните ДИК е должна да одлучи со решение во рок од 24 часа од денот на приемот на барањето. Против решението со кое се одбива барањето, граѓанинот во рок од 24 часа по приемот на решението може да поднесе тужба до Управниот суд по електронски пат. По тужбата УС решава во рок од 24 часа по нејзиниот прием и одлуката веднаш му ја доставува на тужителот по електронски пат.
ДИК во рок од пет дена (до 16 март) од денот на завршување на јавниот увид, Избирачкиот список го доставува до политичките партии.
Од утре почнува собирањето потписи за предлагање кандидати за пратеници.
– Доколку има заинтересирана група граѓани кои сакаат да соберат илјада потписи може да поднесат своја кандидатска листа. Измени има освен што во канцелариите на ДИК, потписите ќе можат да ги собираат и пред овластени нотари. Доколку се одлучат да собираат пред овластени нотари, ќе мора да ги пријават нотарите до ДИК за да можеме да ги објавиме во јавноста и на нашата веб-страна за граѓаните да бидат поупатени каде во која општина кој нотар може да се искористи за депонирање на потписи и притоа морам да напоменам трошоците за ова ќе си ги поднесат самите кандидати кои ги собираат тие потписи. Канцелариите на ДИК се отворени од 9 до 19 часот и последниот ден на истекот ќе бидат отворени 24 часа, истакна Деркоски.
Исто така во тек е пријавување на нашите државјани од дијаспората во ДКП-та и преку нашата апликација на веб-страницата. До вчера напладне се пријавиле над 710 наши државјани. Деркоски изрази надеж дека ќе се интензивира пријавувањето во наредниот период и дека ќе биде надмината потребната бројка за организирање и спроведување на изборите од нешто над 6.540 гласа.
Во однос на собирањето потписи, секој избирач својот потпис може да го даде за повеќе листи на кандидати за пратеници. Избирачите кои ја поднесуваат листата треба да имаат избирачко право и постојано живеалиште на подрачјето на изборната единица, општината, односно Град Скопје.
Собирањето потписи пред овластено лице од дипломатско-конзуларните претставништва и конзуларните канцеларии за предлагање листа на кандидати за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија од група избирачи започнува исто така в среда и завршува на 6 март на полноќ.
Листите на кандидати за пратеници во Собранието овластените претставници на предлагачите ги доставуваат до ДИК и тоа најдоцна до 12 март на полноќ. ев/бак/