Утрински Весник
Македонија

Граѓаните кои пријавиле загадување ќе добијат извештај што преземала инспекцијата

Граѓаните кои пријавиле загадување ќе добијат извештај што преземала инспекцијата

Пријавите на граѓаните за загадување на воздухот, водата или почвата повеќе нема да лутаат. Со новата онлајн платформа, која ја презентираа Државниот Инспекторат за животна средина и Институтот за комуникациски студии, изработена во рамките на кампањата „Разбистри сè“, претставките тие ќе одат директно до инспекторите, кои ќе можат навремено и ефикасно да постапуваат по нив.

Новата платформа ќе ги собира на едно место сите пријави кои сега граѓаните ги пишуваат на социјалните мрежи на Државниот инспекторат, ги испраќаат на нивниот мејл, ги пишуваат на нивната веб страна или пак пријавуваат преку мапата на загадувачи. Истовремено, новата платформа ќе им даде можност на граѓаните да добијат и одговор од инспекцијата за надзорот кој е направен кај загадувачот и евентуалните санкции со кои може да се соочи.

„Граѓаните ќе можат да пријават загадување од било кое место во земјата, а инспекторатот во реално време ќе ја добие претставката и ќе може веднаш да реагира на терен. Таа станува дел од нашиот систем за алармирање и за отворање на нов налог за вонреден надзор“, информираше директорката на Инспекторатот Ана Петровска.

Пријавувањето на загадување граѓаните можат да го направат во два чекори. Прво треба да ја изберат алатката каде што ќе пријавуваат, тоа се четирите опции, во месинџер на Фејсбук страницата на Инспекторатот, на нивната веб страница или по мејл, како и на мапата на загадувачи, која во моментов е достапна во нацрт верзија, но и покрај тоа на неа се достапни локациите на десетици загадувачи, кои можат да им бидат ориентација на граѓаните од каде може да доаѓа загадувањето.

„Кога ќе биде подготвен налогот за вонредна контрола, инспектор ќе замине на терен. Ќе соработуваме и ќе се координираме со општинските инспекции, доколку немаме слободен инспектор, за да можеме веднаш да ја документираме реалната состојба. За нас е многу важен вториот чекор на пополнувањето на пријавата. Граѓаните треба во претставката што попрецизно да го опишат загадувањето и локацијата, како и да ни испратат свои податоци, за да можеме ние во текот на постапката или по завршувањето да им испратиме извештај дали имало загадување и дали ќе има санкции против загадувачот“, потенцира Петровска.

Во надлежност на Државниот инспекторат се големите инсталации со А-интегрирана дозвола, и елаборати одобрени од министерот за животна средина, а постапуваат и по дозволи за експлоатација на минерални суровини, по законот за ГМО, или во полето на заштитата на природата, заедно со инспекторатите за шумство, ловство или земјоделство.

„Пријавите можат да бидат од сите области и да бидат доволно широки да ни дадат и нам увид што навистина се случува на терен. Дали ќе постапиме ние или во соработка со другите надлежни инспекторати ќе одлучиме во текот на постапката. Но ниту една пријава нема да биде одбиена“, вели Петровска.

Со алатката, смета таа, Инспекторатот добива можност да комуницира директно со граѓаните на ефикасен и брз начин и да обезбеди транспарентност во својата работа. Со оглед на тоа дека оваа институција се соочува со хроничен недостаток на кадар, Петровска најави дека активностите ќе се одвиваат во координација со градските и општинските инспекторати. Во моментов во оваа институција работат 15 инспектори, а потребни се најмалку уште 11, за да може да се покријат потребите на Скопје и сите региони во земјата во кои сега има недостаток од овој кадар.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

НЕДЕЛНА АНАЛИЗА НА ВРЕМЕТО: До четврток стабилно, суво и претежно сончево, од петок 29 Ноември, нов влажен бран во Македонија!

Почнува кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“

Студено утро со температури и до минус 11 степени