Утрински Весник
Македонија

Град Скопје ја продолжува кампањата за бесплатно собирање на отпад од берба

Град Скопје ја продолжува кампањата за бесплатно собирање на отпад од берба

Скопје, 7 јуни 2020 (МИА) – Град Скопје ја продолжува кампањата за бесплатно собирање на остатоците од берба за да се спречи палењето на стрништата и со тоа да се заштити воздухот од загадување.

Заинтересираните граѓани може да се јават на телефонскиот број 071/395-395 и да договорат бесплатно подигање на органскиот отпад. Кампањата годинава ќе го опфати целиот Скопскиот плански регион.

Покрај бесплатното подигање на органскиот отпад, Град Скопје годинава нуди можност секој што ќе ја искористи оваа поволност, во сезоната на садење да добие околу 30 килограми органско ѓубриво на секои 100 килограми отпад.

– Овој проект ќе опфати и компостирање на собраниот материјал во објект во сопственост на Градот Скопје, се вели во соопштението.

Годинава, во кампањата за спречување на палењето стрништа се вклучи и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во делот на планирањето на периодите кога се врши бербата на различните земјоделски култури. А, со поддршка на промотивните активности се вкучи и „Халк Банка“.

Кампањата за првпат беше организирана минатата година од Град Скопје и со поддршка од УНДП и МДЦ-Ти.нет. Како што информира Градот, кампањата дала одлични резултати – бесплатно подигање на отпадот од бербата побарале над 120 жители и биле подигнати околу 700 кубни метри органски отпад.

Градот Скопје е прва единица на локална самоуправа која спроведува кампања за елиминирање на палењето на нивите и стрништата, за да се намали загаденоста на воздухот, да се зачува плодноста на почвата и да се спречи ширењето на евентуални пожари. бак/ац/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Стипендии за студенти на УКЛО од семејства со ниски приходи

До петок стабилно и сончево – викендов снег

Мајката-херој се борела со стерилитет, во бракот со сопругот 37 години се труделе да добијат деца