Град Скопје се огласи со реакција на пишувањата во некои медиуми што го пренесуваат ставот на Огнен Коцевски, околу наводното недоволно почитување на ликот и делото на неговиот татко, Данило Коцевски. Градската управа посочува дека името на истакнатиот книжевник и хроничар на Скопје е дел од новата листа предложени личности и настани во врска со именувањата на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на градот.
„Имено, името на Данило Коцевски, книжевен критичар, раскажувач, романописец, драматург, поет и хроничар на Скопје, е дел од новата листа на предложени имиња (страница 46, реден број 250). Градот Скопје отсекогаш го ценел придонесот на Коцевски како хроничар на Скопје, а тоа се гледа во поддршката на повеќе негови проекти во минатото, како и долгогодишната соработка во организирањето на свеченостите по повод 13 Ноември – Денот на ослободување на Скопје. Тој во 2008 година е избран за член на Одборот за одбележување на 45-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје на 26 јули 1963 година, под мотото „Скопје – 45 години град на солидарноста“, додека во 2010 година Коцевски е и именуван за член на Одборот за доделување на Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје“, стои во соопштението.