Утрински Весник
Македонија

Гостивар влезе во „маѓепсаниот круг“ на дрогата

Гостивар влезе во „маѓепсаниот круг“ на дрогата

Гостивар, 6 април 2020 (МИА) – Бројките на нови корисници на дроги и случаи со недозволна трговија во гостиварскиот регион растат од година на година. Во полициските билтени речиси секојдневно се појавуваат настани поврзани со откривање и злоупотреба на наркотици и неовластена продажба. Зголемениот број корисници на дроги, најчесто помлади лица, го потврдуваат и службите што се справуваат со оваа појава. Справувањето со последиците е отежнато, бидејќи во Гостивар нема центар за рехабилитација.

Поради неовластено производство и пуштање во промет наркотични средства 21 лице од Гостиварско ќе се соочат со кривична одговорност пред судот, откако полицијата ги открила со дрога во првите два месеца од 2020 година. Само во февруари во Гостиварско поради сомнение дека сториле кривично дело по член 215 вкупно биле лишени од слобода 14 лица, од кои 13 возрасни и еден мaлолетник.

Најчесто откриени наркотични дроги се кокаин и марихуана, а има и хашиш, амфитамини, таблети екстази, хероин и хашиш. Полицијата ги открива најмногу при претрес на лица и автомобили.

Минатата година имало 48 новорегистирани корисници на дрога

Освен бројката на новооткриени случаи на недозволено користење и продажба има пораст и на бројката на лица кои бараат помош за лекување и намалување на последиците од зависноста. Во соодветните институции и организации спас од „маѓепсаниот круг“ што го предизвикуваат наркотиците секојдневно бараат по пет-шест лица.

Зоран Попоски, активист во невладината организација ХЕЛП, која повеќе од една деценија спроведува програма за корисници на дрога, напоменува дека состојбата во Гостивар и околината е алармантна. Во оваа невладина организација што работи на програма за корисници на дрога во 2019 година имало 48 новорегистирани корисници на дрога. Според нивната евиденција актуелната бројка на лица кои инјектираат дрога или користат кокаин, марихуана е 907, од нив 563 се мажи, а 344 жени.

– Ова не е вистинската слика за состојбите во нашиот крај, бидејќи не се пријавуваат и регистрираат сите корисници. Инаку, загрижувачки е податокот дека сè повеќе млади луѓе навлегуваат во кругот на наркотиците и меѓу нив има доста интравенски корисници. Во поново време најмногу има корисници на марихуана и кокаин, кои најмногу се нудат на црниот пазар. Дневно, помош во просториите на ХЕЛП бараат пет-шест корисници. Тие главно бараат шприцеви, игли, преврски на помали рани, помош од социјален работник или психолог. Неретко вршат и испитување за ХИВ СИДА, вели Попоски.

Лани полицијата санкционирала 112 случаи поврзани со дрога

Достапноста на наркотиците по гостиварските улици ја потврдуваат и резултатите од полицијата во справувањето со илегалната продажба на наркотици. Лани полицијата имала зголемена реализација во откривањето вакви случаи и повеќе количества запленета дрога во споредба со 2018 година.

– Минатата година на подрачјето на Одделението за внатрешни работи Гостивар вкупно откриени и законски санкционирани се 112 кривични дела од областа на недозволена трговија со наркотични дроги. Тоа е речиси три пати повеќе во споредба со 2018 година. Откриените дела се заокружени со 108 кривични пријави против 124 сторители. Најголем број поднесени пријави (104) се однесувале на „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, а осум пријави на „овозможување употреба на наркотични дроги“. Карактеристично за минатата година е што на гостиварското подрачје количински откриени и одземени се два и пол пати повеќе наркотични дроги во споредба со 2018 година, пред сè марихуана и кокаин, вели Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Тој напоменува дека меѓу сторителите се евидентирани и двајца малолетници. Во поведените кривични постапки лани биле одземени марихуана, хашиш, кокаин, хероин, екстази, амфитамин и стебла и семки од „канабис сатива“.

Двојно е зголемен бројот и на судски разврски

Пријавите на полицијата ги процесира јавното обвинителство и речиси сите добиваат судски разврски. Судскиот епилог како конечен исход доаѓа во Апелацискиот суд. И таму се бележи зголемување на предметите врзани со трговија со дрога и наркотици. Во 2018 година по жалба такви предмети имало 31, додека минатата година од апелациските судови во Апелација дошле 67. Од тие предмети поврзани со дрога лани 59 биле решени и имаат правосилна одлука.

– Да, бележиме зголемување на предмети што се однесуваат на тој вид криминал, но и задоволен сум од фактот што речиси сите судски постапки се заокружени. Повеќето предмети беа против сторители за помали количества и најчесто за марихуана. Но, ќе нагласам дека работевме и на предмет за трговија на околу 29 килограми марихуана. Општо земено, можам да кажам дека државата и надлежните институции покажуваат интерес да се борат со трговијата со дрога. Таквиот ангажман дава резултати, оценува Шефајет Хајдари, претседател на Апелацискиот суд.

Гостивар има потреба од центар за помош од зависности

Гостивар, иако важи за еден од поголемите градови во Македонија, нема центар каде што системски би им се помагало на лицата кои злоупотребуваат наркотици.

Зоран Попоски од ХЕЛП, освен со активизам, и професионално се занимава со болестите на зависност како специјалист по сoцијална работа во здравство. Тој и уште една медицинска сестра се единствените вработени во „дневно одделение“ во Одделот за невропсихијатрија во гостиварската Општа болница.

– Тие услови не се доволни за третман на зависниците. За метадонска терапија одат во други градови, а да не зборуваме за пружање помош од психолог или психијатар, која е неопходна. Нашата условно речена борба со здравствствените власти трае над 15 години. Појавата и проблемите со злоупотребата на дрога се евидентни. Справувањето со неа бара поопфатна акција. Податоците говорат дека во поново време има многу корисници на кокаин, а марихуната стана достапна и најчесто застапена кај младите. вели Попоски.

Според него, состојбата со последиците би се ублажила кога би се отворила барем дневна болница за метадонска или, пак, центар за рехабилитација.

Од Центарот за социјални работи ја нагласуваат потребата од понагласено дејствување на полето на превенција и едукација за навремено информирање на младата популација за штетноста од дрогата. Кај нив до пред извесно време имаше четири корисници на дрога на кои им се пружа психосоцијална поддршка од стручен тим на центарот (психолог и социјален работник).

Меѓу новорегистрираните корисници на дрога најголем дел се тинејџери, со оглед на нивната љубопитност. Тоа, според упатените во оваа област, е значајна закана за иднината на градот и општеството воопшто. Тие повикуваат на воведување системски мерки и нивно доследно спроведување.

Зоран Маџоски

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер