Гостивар, 28 април 2020 (МИА) – Отворање на угостителските објекти, но да не примаат гости, а кафе баровите и чајџилниците да подготвуваат кафе и други напитоци и да ги продаваат по принципот „земи-носи“, побара денеска Гостиварскиот кризен штаб. На тој начин, како што заклучи меѓуопштинскиот кризен штаб (Гостивар, Маврово-Ростуше и Врапчиште), би се помогнало во извесна мера и на малите бизниси. Барањата во текот на денот ќе бидат испратени до Централниот штаб.
– Една од препораките што произлегоа од денешниот состанок беше да му се предложи на Централниот штаб, полицискиот час во работни денови да започне во 21 часот, а во викенди и државни празници од 15 часот. Исто така, угостителските објекти да работат според моделот „земи и оди“ (шалтерско работење), тоа би важело и за локалите кои продаваат храна, рече гостиварскиот градоначалник Арбен Тараври по состанокот на Кризниот штаб.
Тој, како што рече, смета дека намалувањето на полицискиот час позитивно и во значајна мера ќе делува врз граѓаните и за намалување на гужвите. Најави дека барањата во текот на денот ќе бидат испратени до Централниот штаб.
Во соседната општина Маврово-Ростуше не се очекува наплив на гости, но апелот на првиот човек на општината Медат Куротвски е да се избегнуваат првомајските излети, но сепак појасни дека во викендичките околу Мавровското Езеро, луѓето можат да доаѓаат, бидеќи тоа се нивни имоти. Таму, како што рече, некои угостителски објекти приготвуваат храна и нарачките ги доставуваат. згм/вј/