Делчево, 10 март 2020 (МИА) – Директорката на делчевскиот здравствен дом, Марија Глигоровска во изјава за МИА ги отфрли гласините, за како што рече, наводните сомнителни случаи со коронавирусот во Делчево. Според неа, станува збор за чаршиски муабети, поради што нема место за паника.
Во таа насока, денеска делчевските лекари одржаа стручен колегиум во поширок состав на кој беа дефинирани понатамошните чекори на установата во насока на превенција од Корона вирусот.
-На денешниот состанок присуствуваа сите матични лекари, сите стоматолози, имавме лекар од Центар за јавно здравје, епидемиолог и други лекари со кои разговаравме за нашите мерки околу дезинфекција во установата, околу механизам на работа. Најголем акцент ставивме на тоа соодветно да ги информираме граѓаните кои доаѓаат од Италија како да постапат во врска со евентуални симптоми кои ги имаат, рече Глигоровска.
Матичните лекари посебен апел упатиле до граѓаните кои се вратиле од Италија. Од делчевскиот здравствен дом порачаа пациентите со хронични заболувања да не ја посетуваат установата заради свое и здравје на своите семејства, а прегледите да ги одложат за во наредниот период.
-Општа препорака е доколку граѓаните почуствуваат симптоми како сува кашлица, општа малаксаност, треска да се јават на општо познатите телефони за таа намена или да се јават на матичните лекари по телефон, за да бидат упатени каде треба да се јават. Во Делчево има служба за епидемиологија, колешката е на располагање 24/7, таа ќе изврши проценка, кои пациенти треба да бидат во самоизолација, а кои пациенти треба да се упатат на Инфективното одделение во Штип, кое го покрива нашето одделение, рече матичниот лекар Соња Мавродиева Георгиевска.
Во меѓувреме, денеска едукативни предавања за понатамошното делување како дел од мерките за справување со коронавирусот имаа и делчевските воспитно-образовни работници, кои добија средства за дезинфекција за користење во рамки на денешната настава. вс/бт/