Томас Сајц, политичар од редовите на крајната десничарска Алтернатива за Германија (AfD), иако за малку ќе починеше од последици предизвикани од коронавирус, сепак негира постоење на пандемија.
Сајц беше хоспитализиран една недела на интензивна нега поради инфекција со коронавирус. И покрај тоа, неговиот став кон пандемијата не е променет, пренесува Танјуг.
„Никогаш не сум негирал постоење или опасност од вирус, но сепак верувам дека нема пандемија“, рече Сајц.
Затоа, посочува тој во изјавата, смета дека корона-мерките во Германија се несоодветни и прекумерни.
Во исто време, тој им се заблагодари на лекарите и другите медицински работници што му го спасија животот и покрај лошата прогноза.
Инаку, Сајц го привлече вниманието на јавноста во ноември кога седеше во Бундестагот со маска полна со дупки. Кога го предупредија дека треба да носи маска ФФП2, тој одговори дека не сака да ја носи таа „муцка“.