Утрински Весник
Македонија

Германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот утре во „виртуелна посета“ на Скопје

Германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот утре во „виртуелна посета“ на Скопје

Скопје, 18 март 2020 (МИА) – Државниот министер за Европа на Сојузна Република Германија, Михаел Рот утре ќе има „виртуелна работна посета“ на Република Северна Македонија и средба со министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Како што соопшти МНР, работната посета првично беше планирана да се оствари на вообичаен начин, а во контекст на очекувањата и изгледите за добивање одлука за почеток на ЕУ пристапните преговори. Со оглед на глобалните состојби поврзани со пандемијата на COVID-19, предвидено e таа да се реализира на дигитален начин, односно со воспоставување видео-конференциска врска, што, како што се посочува, претставува уште еден знак на силната германска поддршка и пријателство.

Притоа, како што се посочува, во фокус на разговорот се очекува да бидат, покрај начините за справување со предизвиците наметнати од пандемијата, размена на информации за последниот статус на дискусиите и подготовката на заклучоците за процесот на проширување на ЕУ во пресрет на Советот на ЕУ за општи работи, засега предвиден за 24 март.

Прес-конференцијата е предвидено да започне во 10:30 часот, во холот на Министерството за надворешни работи. Се охрабруваат медиумите да дојдат без сниматели за да ги следат препораките за превенција и заштита од корона вирусот. Видео материјалот од настанот може да се преземе од стримот во живо на МНР (Линк за следење во живо македонски јазик). Доколку новинарите не се во можност да присуствуваат на прес-конференцијата, прашањата може да ги испратат на pr@mfa.gov.mk најдоцна до утре, 9:00 часот, наведуваат од МНР. вг/са/

 

 

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер

Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор