Утрински Весник
Свет

Германска студија: Ризикот од ширење на коронавирусот во концертни сали е незначителен

Германска студија: Ризикот од ширење на коронавирусот во концертни сали е незначителен

Ново истражување во Германија за движење на честички во воздухот во затворен простор покажа дека постои незначителен ризик од инфекција во добро проветрени концертни простории.

Научната студија, спроведена во концертната сала „Концертхаус“ во Дортмунд, со 1.500 седишта, траела три дена во ноември лани, а била организирана од институтот „Фраунхофер Хајнрих Херц“ со поддршка од германската федерална Агенција за животна средина.

Оваа студија следи по истражувањето од август наречено „Рестарт-19“ спроведено од Универзитетската болница Хале, чии резултати беа објавени во октомври и заклучија дека, со соодветна вентилација, настаните во живо во ваквите простории претставуваат низок до многу низок ризик за пренесување на заразата.

За разлика од студијата „Рестарт-19“, во која учествуваа волонтери, студијата во Дортмунд користела високо-технолошка кукла, наречена Олег, за да симулира човечко дишење во „Концертхаус“.

„За време на студијата, на 2, 3 и 20 ноември, тим научници измерија трансфер на аеросоли во концертната сала, вклучувајќи ги и аудиториумот и фоајето. Нивниот заклучок е дека под одредени услови, ако местото има доволно снабдување со свеж воздух и дека сите присутни носат маски, ризикот некој да зарази здрави посетители на концерти со коронавирус преку воздух може да биде скоро исклучен“, се вели во соопштението на „Концертхаус“.

„Концертните сали и театри не се места на зараза. Изминатите месеци покажаа дека на политиката ѝ е потребна научно цврста основа за донесување одлуки. Со нашата студија, сакаме да осигуриме дека концертните сали и театрите можат да примат публика кога повторно ќе бидат отворени“, вели д-р Рафаел фон Хоенсброех, директор на „Концертхаус“.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Два брода со мигранти се превртеа кај Мадагаскар, 25 лица загинаа

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење