Утрински Весник
Свет

Германија нема да прима мигранти од белоруската граница, изјави Зехофер

Германија нема да прима мигранти од белоруската граница, изјави Зехофер

Германија нема да прифати мигранти кои беа запрени на белоруско-полската граница, изјави министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер по разговорот со неговиот полски колега Мариуш Камински.

„Нема да прифатиме бегалци. Нема да попуштиме пред притисокот и да кажеме дека ги носиме бегалците во европските земји, бидејќи тоа во основа би значело спроведување на оваа перфидна стратегија“, изјави Зехофер на прес-конференција во Варшава, пренесуваат агенциите.

Тој објасни дека се работи за неправилна и перфидна миграција организирана од Белорусија со поддршка на Русија до одреден степен и дека во овој случај Полјаците не само што ги штитат нивните интереси, туку и дејствуваат во интерес на целата Европска Унија.

Сите мигранти денеска заминаа од два кампа во близина на границата меѓу Белорусија и Полска, јавија белоруските агенции.

Белоруски граничари ги придружувале групите од 70 до 100 луѓе до транспортно-логистичкиот центар, на километар и половина од границата.

На границата на Белорусија со Полска и со балтичките земји од летово е зголемен приливот на мигранти од Блискиот Исток и Африка, кои се обидуваат да навлезат во Западна Европа.

Земјите од ЕУ го обвинија Минск за хибридната војна и повикаа на дополнителни санкции против Белорусија, а Лукашенко рече дека одговорноста за новонастанатата ситуација со мигрантите е во западните земји, чија политика, како што рече, ги принудила луѓето да бегаат од војната.

Можете да прочитате

Најмалку 33 лица загинаа во удари од гром во североисточна Индија

„Волстрит џурнал“: Трамп со цртеж од гола жена и порака за „прекрасна тајна“ му го честитал роденденот на Епштајн

Словенија прогласи двајца израелски министри за персона нон грата