Монца, 15 јуни 2020 (МИА) – Откако шефот на Монца, Силвио Берлускони, последниве денови беше исклучително активен во медиумите, сега е редот на другиот силен човек во клубот Адриано Галијани да го заземе зборот.
Берлускони и Галијани беа одличен тандем во Милано, а сега се стремат високо со екипата на Монца. Галијани призна дека главна цел е напад на Серија „А“.
Се бара брз развој на проектот Монца и Галијани коментираше дека ќе бидат инвестирани огромни финансиски ресурси за да се изгради силен тим за да се бори за директна промоција следната сезона. .
– Има само една цел и тоа е промоција во Серија „А“, Берлускони веќе ја постави оваа цел за мене и за тимот. Уште пред да ја освоиме промоцијата во Серија „Б“, им реков на играчите: „Кој верува во нашиот проект, тој ќе остане. Ако верувате доволно силно во она што сакаме да го направиме, ништо нема да нè спречи и заедно ќе ги оствариме нашите цели“. Роден сум во Монца, јас сум голем обожавател на тимот и силно го посакувам најдоброто во клубот, изјави легендата на Милан.
Тој не сакаше да зборува за ситуацијата во Милано во моментов, бидејќи откако тој и Берлускони си заминале, „работите не се добри“.
Според негово мислење, полека може да се започне и со пуштање на гледачи на стадионите.
– Се шпекулира дека од средината на јули стадионите ќе бидат отворени за јавноста и одреден број на навивачи ќе можат да влезат, го одобрувам ова. Ако ги отвориме стадионите дури со само 20 проценти од капацитетот на секој објект, тоа ќе биде одлично. Стадионите во Италија се големи и многу луѓе ќе можат да присуствуваат на натпреварите. Мислам дека колку побрзо ќе ги отвориме стадионите, се разбира, во согласност со сите мерки на безбедност, толку подобро за сите, заклучи Галијани.