Утрински Весник
Економија

Газди злоупотребиле милиони од државата, но не им исплатиле ни денар на работниците

Газди злоупотребиле милиони од државата, но не им исплатиле ни денар на работниците

Управата за јавни приходи откри милиони евра злоупотреби со државната помош за исплата на минималец од 14.500 денари.

Дел од сопствениците на компании во Скопје, Тетово, Струга, Гостивар и Куманово зеле пари од државата, но ниту денар не префрлиле на работниците, или пак им исплатиле помалку од минималецот.

Како што истакна директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска, станува збор за 281 работодавач кои во април примиле поддршка во износ од 9.995.565 милиони денари, меѓутоа не ја исполниле обврската за исплата на плата за 722 вработени и 427 компании во мај воопшто не исплатиле плата за 984 вработени, иако добиле финансиска поддршка во износ од 13,698,998 милиони денари.

Други 3.746 компании на 52.465 работници им го скратиле и минималецот и исплатиле на сметките на работниците 1,5 милиони евра помалку.

Најголем дел од компаниите се од дејностите, трговија на мало, подготовка на оброци и служење храна, транспорт.

„Управата за јавни приходи, располага со детални податоци за искористеноста на финансиската поддршка и будно ја следи состојбата на искористеност на мерките, но и почитување на обврските од законот. Податоците за компаниите кои примиле финансиска поддршка, а не ја исполниле обврската за исплата на платата ќе бидат доставени до Генералниот секретаријат на Владата како носител на мерката и исплатувач на финансиската поддршка од каде истите ќе може да бидат и јавно објавени“, рече Лукаревска.

Апелираше до сите работодавачи што не ја испочитувале оваа законска одредба да го направат тоа кон своите вработени, бидејќи целта била да се зачуваат работните места, а не парите да ги земат работодавачите.

Извор: Makfax

Можете да прочитате

И тие кои прават торти по нарачка и оние кои продаваат преку Фејсбук ќе мора да плаќаат данок

Митреска и Бојчева-Терзијан со предавање на Здружениот виенски институт: Комуникацијата на централната банка имаше важна улога во стабилизирањето на очекувањата

Петрова: Прво ребаланс на Буџетот, па исплата на средствата за „Мој ДДВ“