Габриел Бајрам, син на починатиот пратеник Амди Бајрам, не се јавил на распит во полиција за копањето биткоени во ГТЦ, но се одзвал на поканата да слави со Владата во Клубот на пратеници по првата меѓувладина конференција во Брисел. За неговото присуство на прославата во средата се дозна откако Исламската верска заедница објави фотографија, на која се гледа и тој.
МВР објави дека по Габриел Бајрам имало и централен распис за да се спроведе во полициска станица, но засега нема одговор дали бил пронајден пред или по прославата.
„По неколку неодговарања на покани и непојавување на службен разговор во полициска станица, а по распишан централен распис, полициски службеници од Одделението за криминалистички работи Центар и Бит Пазар при СВР Скопје го лишиле од слобода Г.Б.(40) од Скопје и со него бил извршен разговор во полициска станица. Исто така, во претходниот период, остварени се контакти и извршени се службени раговори и со надлежните во ЕВН и Градскиот трговски центар Скопје, а се вршат службени разговори и со други лица“, велат од МВР.
Габриел Бајрам не е осомничен дека копал биткоени на сметка на дуќанџиите во ГТЦ, туку од него биле земани информации кои можат да и помогнат на истрагата. Бајрам имаше магацин под кирија во ГТЦ, каде му го раскинаа договорот, но уште ги нема вратено клучевите. Се тврдеше дека токму во тие простории се трошела струја за криптовалути, која ја плаќаат сите дуќанџии.
„По комплетирање на целокупниот материјал ќе биде доставено известување до Основното јавно обвинителство Скопје за преземените мерки“, велат од скопското Обвинителство.
Лани во ноември беше извршен претрес во магацинот под закуп на Бајрам, за кој дуќанџиите велат дека се копале криптовалутите. Не беше најдено ништо, бидејќи уште претходно, машините беа дислоцирани. Оттогаш, е покренат и предмет.