Утрински Весник
Свет

Вучиќ: Ќе бидеме сведоци на целосно уништување на постоечкиот поредок

Вучиќ: Ќе бидеме сведоци на целосно уништување на постоечкиот поредок

Притисоците врз Србија во наредниот период ќе бидат огромни и не само тоа, верувам дека ова е само почеток и дека ќе бидеме сведоци на целосно уништување на постоечкиот поредок, изјави вечерва претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Во своето обраќање до јавноста, Вучиќ рече дека како некој кој будно ја следи политиката и сите настани, речиси 24 часа, очекува, како што кажа, неколку политички замки за Србија во наредниот период.

„Не затоа што се грижат за Русија или Украина, тоа не ги засега некои во регионот, бидејќи тие прават сè што можат за да ја соборат Србија“, рече српскиот претседател, потсетувајќи дека Приштина веќе повикала за полноправно членство во НАТО и добила поддршка од Турција.

„Вие го видовте тоа, а она што можам да предвидам е дека следната иницијатива ќе биде исклучување на Русија од Обединетите Нации. Тоа би значело, а јас веќе гледам некои иницијативи во некои земји, затоа и го зборувам ова, како и поради тоа што ќе следи и како тоа го замислуваат Албанците во Косово… Тие планираат да одржат дискусија за исфрлање на Русија од ОН во наредните недели, врз основа на членот шест од Повелбата на ОН“, рече Вучиќ.

Тоа, вели тој, дополнително значи дека ќе има отворен притисок врз Кина да ја смени резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, а потоа Србија веќе нема правна основа на која може да се повика на меѓународното право и да го зачува територијалниот интегритет, како што тоа го прави денес.

Потоа, според Вучиќ следи признавање на Косово од земјите на НАТО и ЕУ кои досега не го направиле тоа.

„Тоа е идеја на албанските лобисти и сме ја слушнале неколку пати досега додека ја презентирале пред разни меѓународни претставници. Дали е можно или не? Да бидам отворен – воопшто не ја исклучувам таа можност“, рече Вучиќ, додавајќи дека за многу работи сметал дека не се возможни, но во претходните три-четири дена се уверил дека се сепак можни, како што е откажување на опера од Чајковски.

Можете да прочитате

Мал авион се урна на аеродромот во Лондон Саутенд, бројот на патници е непознат

Уште шест лица повредени во трката со бикови во Памплона

Киев: Соборени 40 од 60 дронови со кои Русија ја нападна Украина