Утрински Весник
Свет

Вучиќ: Имаме многу вакцини, но и многу антиваксери

Вучиќ: Имаме многу вакцини, но и многу антиваксери

По состанокот со германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, на претседателот на Србија, Александар Вучиќ и на шефот на германската дипломатија им беа поставени неколку новинарски прашања.

Меѓу нив беше и прашањето на агенцијата ДПА, дали Србија ќе ги искористи сите добиени вакцини.

„Се чини дека имате вишок од нив“, рече новинарот на германската агенција.

Во тој контекст, тој го постави и прашањето дали Србија ќе им подели вакцини и на други, кои немаат доволно.

„Србија започна со вакцинација кон крајот на декември и тоа со вакцината на ‘Фајзер’, па дури подоцна добивме вакцини од кинеските и руските партнери. Сè добиваме точно според договорите со ‘Фајзер’ и ‘Синофарм’, кај другите има мало задоцнување, но сега нема да коментирам за тоа“, рече Вучиќ.

„Имаме доволно вакцини, но имаме уште еден проблем што се занемарува – постојат разни групи против вакцинација. Луѓе кои не сакаат да примаат вакцина, поради разни теории на заговор. Но, веројатно и ние сме виновни затоа што имаме доволно вакцини, па луѓето не брзаат“, нагласи тој.

„Вие во ЕУ имате редови, овде нема. Денеска на располагање се четири типа на вакцини и ако сакате може веднаш да одите и да се вакцинирате“, му одговори Вучиќ на новинарот на ДПА, нагласувајќи дека можноста за вакцинирање на странци во Србија е еден од начините на кои земјата им помага на сите народи во регионот.

Тој исто така рече дека од почетокот на кризата, Србија испратила околу 120.000 вакцини во земјите од регионот, додека во Србија се вакцинирале околу 65.000 граѓани од тие земји и најави дека процесот на вакцинација ќе продолжи, бидејќи ниту една земја не може сама да го реши тој проблем.

„Веруваме дека овие вакцини се исто толку важни за нашите соседи, како што се важни за нас. Затоа што ако кај нив има тешка ситуација, она што го правиме ние ќе биде бесмислено“, заклучи српскиот претседател.

Можете да прочитате

Борел: Не можеме да го поткопуваме Меѓународниот кривичен суд

Русија врати седум украински деца со посредство на Катар

Ново разрешување од функција на висок претставник во кинеската армија поради истрага за „сериозно кршење дисциплина“