Скопје, 4 јуни 2020 (МИА) – Вториот вебинар „Регионална соработка и поддршка од ЕУ и НАТО наспроти влијанието на други државни актери во справувањето со пандемијата“ во рамки на проектот на тема „Регионалните безбедносни предизвици за време и по кризата од пандемијата„ ќе се одржи денеска во организација на Факултетот за безбедност-Скопје во заедничка соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер„ од СР Германија како долгогодишни партнери во низа регионални проекти од сферата на безбедноста.
На денешниот вебинар ќе говорат Зоран Попов, државен секретар на Министрството за надворешни работи, проф. д-р Марјан Ѓуровски, проректор на УКЛО и професор на Факултетот за безбедност-Скопје, проф. д-р Татјана Дронзина од Софискиот универзитет, и проф. д-р Драган Ѓукановиќ од Белградскиот универзитет. Учесници ќе бидат и професори, студенти, експертска јавност
– На државата и е неопходна поддршка и помош од надвор и регионална соработка во областа на здравството, безбедноста и управувањето со кризи во справувањето со пандемијата, смета проф.д-р Марјан Ѓуровски од Факултетот за безбедност-Скопје врз основа на заклучоците од досегашните резултати од анализата.
Проектот има за цел да понуди компаративна анализа на меките и тврдите мерки и други механизми, политиките и воопшто начинот на справување на овие земји од регионот со глобалната пандемија. Воедно, ќе понуди анализа на геополитичките аспекти и делување во услови на глобална пандемија„ информира проф. д-р Марјан Ѓуровски кој е носител на регионалниот проект на Факултетот за безбедност-Скопје и Фондацијата „Конрад Аденуаер„ од СР Германија.
Реализацијата на активностите од проектот се во насока на сензибилизирање на експертската јавност како и носителите на одлуки од областа на безбедноста, при што ќе бидат опфатени искуства и препораки од три земји во регионот, односно Северна Македонија, Бугарија и Србија.
Проектот предвидува онлајн-експертски сесии, по две во месец мај и јуни, а ќе се заокружи со издавање публикација со препораки и заклучоци, изработена од страна на тројца експерти по безбедност од Северна Македонија, Србија и Бугарија. вг/сп/