Скопје, 1 април 2020 (МИА) – Врнежи од снег се бележат на Попова Шапка, Маврово, Кула, Крушево, Крива Паланка – ГП Деве Баир и на планинските превои Стража, Ѓавато и Пресека. Забрана за движење на тешки товарни возила од изутринава се воведени на планинскиот премин Стража и на патниот правец крак Маврово – Дебар, информира Автомотосојузот на Македонија.
Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), времето во земјава ќе биде под влијание на влажен и студен воздушен бран и ќе има врнежи од дожд кои на места ќе бидат обилни, од над 25 литри на квадратен метар. На планините врнежите ќе бидат од снег. Во текот на денов врнежите ќе преминуваат од дожд во снег и во некои пониски места и ќе се формира тенка снежна покривка.Утринската температура ќе се движи од минус 5 до 3, а дневната од минус 2 до 6 степени.
АМСМ во утринскит извештај за состојбата на патиштата потсетува дека за македонски државјани се затворени сите гранични премини за излез од државата. Затворени се сите гранични премини за влез во државата за странски државјани, патници и возила, освен за транзит на товарни возила, за претставници на дипломатскиот кор и тие кои што ќе добијат соодветна дозвола од страна на МВР, а по претходно добиено мислење од страна на главниот координативен штаб. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.лв/