Се подготвуваат првите групи на кучиња во одделот за вдомување, кој ќе биде отворен наскоро за граѓаните. Исто така, наскоро ќе биде активна и веб страната на која на граѓаните ќе им бидат достапни сите информации поврзани со прифатилиштето на ЈП „Лајка“, можностите за вдомување, волонтирање и отворените денови за граѓаните, изјавија за „Мета.мк“ од ова јавно претпријатие.
„Секој граѓанин кој ќе сака да вдоми куче, пред сè, ќе треба да пополни прашалник за вдомување, по што ќе разговара со стручно лице вработено во прифатилиштето за да се процени дали и колку вдомувачот е соодветен и би бил одговорен сопственик. Доколку се покаже дека вдомувачот е соодветен, истиот ќе оствари контакт со животното кое сака да го вдоми минимум два пати, да го посети прифатилиштето и да помине време со истото. Назначени вработени од прифатилиштето на ЈП „Лајка“ ќе имаат обврска да го посетат вдомувачот, со цел да се утврди дали истиот го чува соодветно и во согласност со Законот за благосостојба на животните“ додаваат од ЈП „Лајка“.
Во моментов во прифатилиштето се згрижени над 40 кучиња, но бројката постојано варира бидејќи сертифицирани тимови на заловувачи активно постапуваат по поднесените жалби и пријави на граѓани и интервенираат на различни локации низ градот, велат од претпријатието, од каде што додаваат дека функционираaт со заловувачи поделени во 2 тима, од кои едниот е интервентен.
По заловувањето, згрижените кучиња подлежат на хуман третман кој вклучува: крвна слика, 4Д тест, тест за лишманија по единствена акредитирана метода (кој е задолжителен согласно годишната наредба на Агенцијата за храна и ветеринарство), терапија против внатрешни и надворешни паразити, вакцинација против заразни болести и беснило, кастрација/стерилизација, микрочипирање и обележување со ушна маркица.
„Кучињата се враќаат назад на локација после 30 дена од згрижувањето и нивниот хуман третман во прифатилиштето на ЈП „Лајка“ – Скопје. Во тој период секој заинтересиран граѓанин кој сака да вдоми куче ќе може да закаже средба со својот иден најдобар пријател во прифатилиштето“ појаснуваат од „Лајка“.
Инаку, податоците од Министерството за внатрешни работи покажуваат дека до полицијата минатиот месец пристигнале 62 пријави за каснување од куче. Со ова е забележано зголемување на пријавите, за разлика од септември, кога до МВР 45 луѓе пријавиле во полиција за истиот основ.
Претходно, од почетокот на годината до крајот на месец август, МВР регистирало 446 пријави за каснување од куче.
„Мета.мк“ го следи проблемот со бездомните кучиња и претходно известуваше за оваа тема.