Единсон Кавани се извини за објавата на социјалните мрежи што предизвика бура од реакции во Англија и истрага од Фудбалската асоцијација (ФА) кога одговори со Gracias, negrito на еден комплимент од негов пријател.
33-годишниот Уругваец постигна два гола и беше човек на одлука при 3:2 победата на „ѓаволите“ над Саутемптон, но зборот negrito, иако во јужноамериканските земји нема расистичка конотација, во Англија се сфаќа сосема поинаку.
„Пораката што ја пратив по натпреварот беше наменета како поздрав до мојот пријател, благодарност за честитките што тој ми ги упати по мечот. Последното нешто што сакав да го направам е да навредам некого бидејќи сум целосно против расизмот. Ја избришав пораката кога ми беше објаснето дека во Англија може да биде протолкувано поинаку. Би сакал искрено да се извинам за тоа“, напиша Кавани.
Бернардо Силва од Манчестер сити доби суспензија од еден меч и казна во 2019 поради објава на социјалните мрежи во кој Бенјамин Менди го спореди со лик од чоколадо, а Деле Али од Тотенхем оваа година доби казна од еден меч за шега кон Кинезите поради коронавирусот.
Уште поинтересно, во 2011 година, тогашниот напаѓач на Ливерпул и сонародник на Кавани, Луис Суарез, доби казна од осум меча за користење на истиот збор negrito кон францускиот фудбалер на Манчестер јунајтед, Патрис Евра. Ливерпул тогаш носеше маички со ликот на Суарез барајќи намалување на казната, но таа остана.
> Во 2011 Суарез беше казнет 8 меча за negrito, сега Јунајтед вели дека тоа е невин збор <