Утрински Весник
Македонија

Во јануари полесно се дишело во Скопје, во декември воздухот позагаден во споредба со минатата зима [инфографик]

Во јануари полесно се дишело во Скопје, во декември воздухот позагаден во споредба со минатата зима [инфографик]

Загадувањето на воздухот во Скопје и тековнава зима останува голем проблем за граѓаните, и покрај тоа што официјалната статистика од Министерството за животна средина и просторно планирање покажува нешто помало аерозагадување како просечни вредности во споредба со минатата зимска сезона.

Податоците од мерните станици поставени во главниот град покажуваат дека во декември 2020 година имало поголемо загадување на воздухот во споредба со истиот месец од 2019 година. Дури 24 дена од последниот месец во 2020 година, концентрацијата на ПМ-2.5 честички во воздухот на мерната станица во Центар била над максимално дозволената концентрација од 25 микрограми на кубен метар.

На мерната станица во Карпош, во декември 2020 година имало надминување на дозволената вредност на ПМ-2.5 честички во текот на 21 ден. Податоците од месечниот извештај објавен на https://air.moepp.gov.mk/ покажуваат дека концентрацијата на ПМ-10 честички во воздухот на мерната станица во Гази Баба дури 15 дена во декември 2020 година била над дозволената среднодневна концентрација на овие честички од 50 микрограми на метар кубен.

Доколку се извлече просек за месецот декември, произлегува дека просечните концентрации на ПМ-2.5 и ПМ-10 честички на мерните станици во Центар, Карпош и Гази Баба и во 2020 и во 2019 година ги надминувале дозволените гранични вредности на овие опасни материи по здравјето на граѓаните на Скопје.

Сепак, мала надеж во големиот проблем со аерозагадувањето во Скопје се податоците за јануари 2021 година, кои покажуваат позначително намалување на опасните ПМ-2.5 и ПМ-10 честички во воздухот во споредба со истиот месец од 2020 година. И покрај ова, како просек за јануари, тие се над дозволените гранични вредности и годинава.

Среднодневната концентрација на ПМ-2.5 честички на мерната станица Центар за деновите од јануари 2021 година изнесувала 36,14 микрограми на метар кубен, додека во јануари 2020 година оваа бројка се искачила на алармантни 93,98 микрограми на метар кубен. И на мерната станица Карпош, просекот на ПМ-2.5 честички за јануари 2021 година бил 35,51 микрограми на метар кубен, додека идентичниот месец лани просекот за цел месец изнесувал 91,69 микрограми на метар кубен.

И кај ПМ-10 честичките, на мерната станица во Лисиче среднодневната концентрација на ПМ-10 честички во јануари 2021 изнесувала 74,34 микрограми на метар кубен, додека во јануари 2020 се измерени фрапантни 138,05 микрограми на метар кубен како просек за сите денови од месецот.

И покрај тоа што во минатиот месец полесно се дишело во Скопје во споредба со јануари од претходната зима, податоците од мерните станици на Министерството за животна средина и просторно планирање покажуваат загрижувачки податоци.

Па така, 19 дена во јануари 2021 година, концентрацијата на ПМ-2.5 честички во воздухот на мерната станица во Центар била над дозволената вредност, а идентичен број на денови опасна концентрација на овие честички имало и во Карпош. Во однос на ПМ-10 честичките, дури 17 дена во јануари 2021 година, на мерната станица во Лисиче имало надминување на дозволената среднодневна концентрација на ПМ-10 честички од над 50 микрограми на метар кубен.

Аерозагадувањето е еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат жителите на главниот град. Континуираниот пораст на бројот на возила на скопските улици, противзаконските палења на огништа на отворено, загадувањето од индустриските објекти, и најмногу од сè, затоплувањето на домаќинствата со нееколошки енергенси, го земаат својот „данок“ во загадувањето на воздухот најмногу во зимските месеци.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер

(Видео) Започнува нова епизода на подкастот Зрак со д-р Марина