Утрински Весник
Македонија

Во Чешиново-Облешево пристигнаа првите два пара штркови во оваа сезона

Во Чешиново-Облешево пристигнаа првите два пара штркови во оваа сезона

Кочани, 13 март 2020 (МИА) – Поволните временски услови и покачувањето на дневните температури ги донесоа и првите два пара штркови во општина Чешиново-Облешево, која ја има најголемата густина на штркови гнезда во државата.

Членовите на здружението „Оризова братимка“ од Чешиново, кое се грижи за птицата која е главно обележје на регионот и поради која општината е влезена во Европската мрежа на села на белиот штрк, информираа дека двата пара се сместиле во обележаните гнезда во центарот на селото.

-Едниот пар птици се насели во најголемото штрково гнездо во Европа, чија височина е 3,2 метри и се наоѓа на покривот на Задружниот дом во Чешиново. Тоа е гнездото број еден, што го обележавме при броењето на штрковите гнезда минатата година. Вториот пар се насели во гнездото број три, по што очекуваме наскоро да заживеат и останатите обележани живеалишта. Пристигнувањето на птиците е нешто порано од вообичаено, иако имало години кога доаѓале и кон крајот на февруари. Со ова општина Чешиново-Облешево го оправдува признанието од германската фондација „Еуронатур“, со кое во 2013 година бевме прогласени за Европско село на штркот, истакна Јорданчо Лефков од здружението „Оризова братимка“.

Според Лефков, жителите на Чешиново-Облешево имаат традиција за дочекување на штрковите, а веруваат дека доаѓањето на птиците им носи и среќа. Сепак, поради превентивните мерки за заштита од коронавирусот, сезонава здружението „Оризова братимка“ го откажува одржувањето на традиционалната манифестација. та/вј/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Петрушевски: Поднесените амандмани се популистички

Општина Струмица ѝ предаде објект на Фондацијата „Елеуса“

Никој не го отворил прашањето дека може без Албанците, вели Меџити за изјавата на Ахмети од Швајцарија