Струмица, 15 јуни 2020 (МИА) – Во трите средни општински училишта во Струмица треба да се запишат 1.292 ученици, од кои по 374 во Гимназијата „Јане Сандански“ и СОУ „Димитар Влахов“ и 544 во СОУ „Никола Карев“.
Првото пријавување и упис почнува утре и задутре, второто е на 24 и 25 јуни, а третиот упис е планиран за 29 овој месец.
Во Гимназијата „Јане Сандански“, според објавениот конкурс за упис во прва година, во гимназиско образование се планирани 238 ученици распоредени во седум паралелки, додека во Економско-правна и трговска струка-136 ученици во четири паралелки, економски техничар.
Во СОУ „Димитар Влахов“ треба да се запишат 374 ученици во 11 паралелки, во земјоделско-ветеринарна струка-170 ученици во пет паралелки, хемиско-технолошка струка-102 ученици во три паралелки и во здравствената струка-102 ученици во три паралелки.
Во СОУ „Никола Карев“ планирано е 544 ученици да се распоредат во 16 паралелки од кои 136 или четири паралелки во машинска струка, 68 ученици или две паралелки за текстилно-кожарска струка, во електротехничката струка се планира пет паралелки со 170 ученици, во сообраќајната струка 68 ученици во две паралелки, во шумарско-дрвопреработувачката струка 34 ученици во една паралелка и во градежно-геодетска струка 68 ученици распоредени во две паралелки.
Уписот и приемот на новите средношколци ќе се реализира по строго утврдени правила за заштита од коронавирусот. Пред влезовите на училиштата ќе има поставено средство за дезинфекција на обувките и рацете. Учениците ќе влегуваат со заштитна маска во ред со задолжително растојание од два метри. Родители нема да можат да влегуваат во училиштата, туку ќе чекаат надвор.рт/са/