Отворен е велопаркингот во склоп на Транспортниот центар Скопје, реализиран според проектот „Велоштад“ на Михајло Стојановски и Теа Дамјановска, кој беше избран како најкреативен дизајн на велосипедски паркинг на јавниот повик кој го објави Центарот за иновации на Град Скопје – Скопје Лаб.
„Се надеваме дека Велопаркингот ќе ги поттикне граѓаните поактивно да користат велосипеди и ќе придонесе кон повеќе иницијативи за редизајн на јавни површини во Скопје“ велат од Скопје Лаб.
Целта на „Велоштад“ е создавање нова вело локација во градот, а со проектот покрај паркирање, предвидено е овој плоштад да нуди простор за основен сервис на велосипедот, гардероби за брза промена на облеката, кабини за долговремено стационирање на велосипеди и урбана опрема. Со „Велоштад“ ќе се овозможат 12 држачи за 24 велосипеди, како и шест кабини за заклучување на велосипеди за подолг временски период.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов објасни дека за првпат се отвора место каде што велосипедите ќе можат да бидат оставени на безбедно, а граѓаните ќе можат да го продолжат своето патување до својата крајна дестинација со јавен превоз, воз или автобус од Транспортниот центар. Тој додаде дека ова е реализација на идејата за примена на принципот на мултимодалност во велосипедските политики.
„Мета.мк“ веќе пишуваше за проблемите со кои се соочуваат велосипедистите во главниот град, како и за тоа дека низ текот на годините опаѓа бројот на домаќинства што имаат велосипед.
Пред парламентарните избори граѓанската иницијатива „На Точак“ ја започна петицијата #МојатаЦрвенаВелоЛинија, со која на политичарите (пратеници и членови на извршната власт) им поставија 10 конкретни барања за унапредување на велосипедскиот сообраќај во земјава.