Утрински Весник
Свет

Во Србија поради обилните врнежи од снег илјадници луѓе останаа без струја

Во Србија поради обилните врнежи од снег илјадници луѓе останаа без струја

Обилните снежни врнежи предизвикаа бројни комунални и сообраќајни проблеми во Србија за време на викендот, една третина од електроенергетскиот систем во моментов не работи, 17 лица беа завеани на планината Маљен, а поради комуналниот хаос во Белград, некои опозициски партии бараат оставка на градската администрација, јавуваат медиумите во регионот.

Обилен снег, скршени гранки и паднати дрвја пресекоа далноводи и оставија илјадници луѓе без струја во некои села во западниот и југозападниот дел на Србија.

Вонредна состојба е прогласена во општините Ивањица, Лучани и Нова Варош, каде наносите во некои села се високи над еден метар, а затворени се две локални училишта.

На планината Маљен снежно невреме погоди 17 лица, меѓу кои и две деца. Успеале да се сместат во колиба без вода и струја, а ппланинарската спасувачка служба ги лоцирала и испратила свои екипи.

Министерката за рударство и енергетика Зорана Михајловиќ изутрината во Обреновац, каде е седиштето на клучната термоелектрана „Никола Тесла“, изјави дека во моментов 30 отсто од вкупниот капацитет на електроенергетскиот систем е вон функција, а се очекува стабилизација во следните два дена.

Сите магистрални и патни правци кои имаат приоритет се проодни, но патниците имаа полни раце работа во текот на ноќта меѓу недела и понеделник.

Нарекувајќи ја ситуацијата „колапс“, неколку опозициски партии денеска побараа смена на градоначалникот Зоран Радојчиќ.

Државниот метеоролошки завод (РХМЗ) за следните два дена најавува жолт метеоролошки аларм и ниски температури од минус осум до еден Целзиусов степен во поголемиот дел од Србија, со исклучок на југоистокот од земјата.

Можете да прочитате

Иранскиот претседател вети одговор на нападот на САД

Украина најавува засилени напади врз воени цели длабоко во Русија

МААЕ: Сè уште не може да се процени штетата под земја во Фордо