Утрински Весник
Македонија

Во село Разловци одбележани 144 години од Разловечкото востание

Во село Разловци одбележани 144 години од Разловечкото востание

Делчево, 20 мај 2020 (МИА) – Во делчевското село Разловци одбележани 144 години од првото вооружено востание со кое отпочнува бурниот Предилинденски период за слободна и самостојна држава на Македонците. На пригодната свеченост организирана по тој повод во дворот на црквата „Св. цар Константин и царица Елена“ со почитување на мерките и препораките за заштита од Ковид-19, делегација од Општина Делчево, претставници од Советот на Општина Делчево, политички партии, и здруженија на граѓани положија свежо цвеќе и на влезот на црквата се поклонија пред спомен-обележјето на поп Стојан, еден од организаторите на Востанието.
Осврнувајки се на значајниот датум, делчевскиот градоначалник Горан Трајковски во својот говор истакна дека Разловечкото востание и покрај неговото брзо пропаѓање, е од особено значење за историјата на македонскиот народ.
-Тоа е првото вооружено Востание кое го испишува Предилинденскиот период, самостојно организирано, материјално поддржано и реализирано од македонската световна и духовна интелигенција, со масовно учество на селанството. Секоја година достоинствено се сеќаваме на храброста на разловечките востаници кои во еден несомнено тежок период од македонската историја, јасно кажаа НЕ, на теророт, неправдата испраќајќи порака за слободно Разловци без терор и понижување, Разловци во слободна македонска држава, истакна Трајковски.
Тој потсети дека востаничкото Разловци се наоѓа високо на агендата што значи решавање на низа отворени прашања кои со децении не се решавани.
-Сакам да потсетам дека изградивме улица во должина од 150 метри со која се реши голем проблем за жителите кои живеат на овој дел од селото, а планираме изградба на уште една улица во ова село. Со цел да го решиме проблемот со дивите депонии, за прв пат од постоењето на селото – обезбедивме контејнери за отпад и се организира редовно собирање на отпадот. Во соработка со ЈКП „Брегалница“ изградивме нова дренажа со која се зафатија водите од река Ракитина во Разловци, санирана е и собирната шахта, а е извршено и чистење и хипохлорирање на резервоарот.
Разловчани и годинава одбележувањето го дочекаа со надеж дека годинава ќе биде реконструиран покривот на Спомен домот на Разловечкото востание, кој долги години беше оставен да пропаѓа на забот на времето, а од почетокот на годината имаше најава за негова реконструкција.
-Спомен домот е во очајна состојба само е ставена изолација на покривот и сега е планирана реконструкција за препокривање на домот, но има уште многу работи за реконструкција, истакна Ванчо Спасевски од село Разловци одговорен за работењето на библиотеката која функционира во состав на Спомен домот во Разловци.
Директорот на Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ Методи Толевски со подобрувањето на состојбата со коронавирусот, очекува набрзо да започне реконструкцијата на кровот на Спомен домот Разловечко востание.
-Министерството за култура распиша јавна набавка за санација на кровот на домот, парите се обезбедени, негде околу 500 илјади денари имаме на располагање за реконструкција на кровната конструкција, но поради коронавирусот во моментот се уште немаме информација до каде се работите. Во однос на другиот дел од домот ќе поднесеме апликација за реконструкција на внатрешниот дел и се разбира ќе очекуваме негово одобрување од Министерството, истакна Толевски.
Поради вонредната состојба денес беше одложена традиционалната културно-уметничка програма, планинарскиот марш и ликовната колонија која се организира по повод годишнината од Разловечкото востание. вс/нд/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

(Видео) Подкаст Зрак со д-р Марина оваа недела посветен на борбата со ракот на дојка

СДСМ утре на Конгрес ќе избира ново раководство

Македонските вина се продаваат во 40 држави во светот, Владата најавува зголемено производство и извоз