Утрински Весник
Свет

Во САД конечна распределба на избирачките гласови, Хилари Клинтон со критики за ваквиот систем

Во САД конечна распределба на избирачките гласови, Хилари Клинтон со критики за ваквиот систем

Гласовите на избирачите (електори) од сојузните американски држави треба да ја заверат победата на новоизбраниот претседател Џо Бајден. Низ овој процес денеска треба да минат сите 50 држави, со што би се ставило и крај на обидите на републиканецот Доналд Трамп да ги оспори резултатите од изборите одржани на 3 ноември.

Вермонт, малата американска сојузна држава на североистокот од земјата, денеска беше првата чии електори гласаа во формалната процедура преку која Избирачкиот колеџ ги потврдува резултатите од претседателските избори во САД, на кои победа извојува поранешниот американски потпретседател, Бајден.

За Бајден, меѓу другите, веќе гласаа и електорите од државите Џорџија (која носи 16 избирачки гласови), Невада (6), Аризона (11), Пенсилванија (20), Висконсин (10) и Њујорк (29). Токму во таа држава два избирачки гласa дадоа поранешниот претседател Бил Клинтон и поранешната државна секретарка и неговата сопруга, Хилари Клинтон, затоа што тие се наоѓаат меѓу 29-те електори со кои располага Њујорк.

Во салата одекнал аплауз кога било објавено дека сите 29 електори гласале за Бајден и сенаторката Камала Харис за потпретседателка, пренесува „Њујорк Тајмс“.

Гувернерот на Њујорк, демократот Ендрjу М. Куомо, исто така беше еден од електорите и претседаваше со Избирачкиот колеџ.

По гласањето, Хилари Клинтон на „Твитер“ го објави својот став дека Избирачкиот колеџ треба да биде укинат и победникот на претседателските избори да биде прогласуван според бројот на собрани гласови од граѓаните.

На претседателските избори во 2016 година, републиканецот Трамп ја победи Хилари врз основа на електорските гласови, иако таа вкупно доби повеќе гласови од граѓаните.

„Но, сè додека постои (тој систем), јас сум горда што го дадов својот глас во Њујорк на Џо Бајден и Камала Харис“, напиша Клинтон.

Инаку електорите се партиски лојалисти кои републиканците и демократите ги избрале два месеца пред изборите, а во секоја сојузна држава има онолку електори колку што електорски гласови носи истата.

Електорите по закон не се обврзани да гласаат според волјата на мнозинството од гласачите во нивната сојузна држава, но бројот на такви „бунтовници“ секогаш е мал, а некои држави сега воведоа и казни за таквите претставници.

Досега, бројот на ваквите „пребегнати“ електори никогаш не влијаел на исходот на претседателските избори.

Според резултатите од изборите на 3 ноември, Бајден освои на 306 избирачки гласачи, а Трамп 232.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

НАТО: Поддршката за Украина продолжува

Израел прифати примирје со Хезболах

Телефонски разговор Трудо-Трамп – 24info.mk