Утрински Весник
Македонија

Во Прилеп отворена изложбата „100 раритети на руската државност“

Во Прилеп отворена изложбата „100 раритети на руската државност“

Прилеп,  17 февруари 2020 (МИА) – Со раритетни документи на 36 паноа денеска напладне во изложбениот салон од приелпскиот Центар за култура „Марко Цепенков“ беше отворена изложбата „100 раритети на руската државност“. Станува збор за уникатна збирка на документи, кои ги отсликуваат најзначајните периоди на историјата на Русија  во период од 1.000 години, односно од 11 до 21 век.

Отворајќи ја изложбата директорот на Центарот за култура Рубин Белчески нагласи дека изложбата е ексклузивна според документите што на увид ги ставаат Рускиот државен архив и Амбасадата на Руската Федерација, а соработката со руските уметници на културен план досега е потврдена со бројни настани.

– Посетителите ќе може да видат пишани документи, како најстарата книга во ракопис „Остромировото евангелие“, најстариот руски законик „Руска правда“, родословот на московските кнезови од 17-тиот век, документи потпишани од Ленин, од Сталин и други раритетни документи. Инаку, како Центар за култура имавме и имаме одлична соработка со амбасадата на Руската Федерација, имаме организирано голем број културни настани, а голем број руски уметници учествуваат на меѓународната ликовна колонија „Дрен“, рече Белчески.

Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски ја потенцираше значајноста на изложбата, но и на соработката која треба да се развива во иднина.

– Имаме одлична соработка со Руската Федерација и со Амбасадата особено на културен план и се надевам дека ќе ја продлабочиме и економската, која значи иднина, рече Јованоски.

Според амбасадорот на Руската Федерација во нашава земја, Сергеј  Баздникин изложбата „100 раритети на руската државност“ првпат беше претставена пред македонската јавност лани на 1 ноември во Скопје и со поддршка на Министерството за култура се прикажува и во другите градови со што се зацврстува многустраната соработка помеѓу двете земји.

-Прилеп е еден од најинтересните градови во Северна Македонија, кој има богата историја и културни традиции и игра важна улога во зајакнувањето на тесните врски помеѓу братските народи на Русија и Северна Македонија. Ви ја претставуваме изложбата, што ги опфати најважните документи за руската државност, кои ги отсликуваат најзначајните периоди на руската историја во текот на повеќе од илјада години. Меѓу нив се и прастари летописни збирки и Евангелија, грамоти и судебници на големите руски кнезови, царски манифести, текстови на устави, автографи на државни дејци, а за секој документ Амбасадата направи опис на македонски јазик, рече Баздникин.

Документите, додаде, претставуваат особен интерес за Македонците, бидејќи сведочат за длабоки и цврсти врски на Русија со словенските народи, за кои како сликовит доказ служи еден од експонатите од  изложбата – Евангелие Апракос „Савина Книга“.

-Неговиот најран дел бил напишан во XI век на Балканот, а буквите по својот изглед се исти како и буквите на натписот на Царот Самоил од 993 година, додека други делови биле додадени подоцна во Русија, рече амбасадорот Баздникин на отворањето на изложбата „100 раритети на руската државност“. ем/вј/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Андоновски: Месецов поднесени околу 6.000 барања за дигитални услуги

Филипче за денот на албанската азбука: Да градиме мостови на разбирање и соработка

Со буџетот за 2025 година полициските службеници ќе добијат покачување на платите